Трендови за ентериер што остануваат во старата година

И време е да се пензионираат, сериозно.

Дојде 2023, па може е ред да промешаме нешто во трендовите за ентериер на кои се навикнавме. Се разбира, ако во последниве две години сте уредиле по дома „по последна мода“, нормално дека нема да рушите и да купувате пак, ама ако уредувате сега, или планирате во скоро време, да си знаете дека има детали на кои им помина модата.

Растурени кревети

За време на локдауните, спалните ни беа и канцеларии и училници и студија за јога. Затоа и така на голема врата ја примивме естетиката на растурени кревети (некои отсекогаш така живееле). Од Пинтерест имате видено: секогаш е полугола инфлуенсерка, нозете испреплетени во памучни чаршави, опкружена со растурени перници. Сепак, после три години гледање згужвани прекривачи (кои реално бараат многу време да ги наместиш за сликање) - доста беше. Време е да си го наместиме креветот.

Наместо тоа, во мода влегуваат тешки постелнини, во земјени тонови, минималистички и удобни, без да наметнуваат некакви идеали.

Котиџкор

И овој тренд (на Пинтерест ако ве интересира: cottagecore) е изветвен веќе. Ова се вивна во 2020 како тренд, па се наредија домовите со везени перници и керамички чинии. Наместо него, доаѓа нешто што се вика hipstoric - гледајте антиквитети или нешто што личи на нив, нека си биде рустикално, ама нека биде природно.

Вака:

Уметнички текстили со мебел од дрво кое веќе старее. Експертите сметаат дека и градбите и околината ни стануваат попаметни, па логично е и ние да бидеме такви со ресурсите и дизајнот.

Сосема бели ентериери

Светлите подови и сè-бело заврши - има некоја Инстаграм-стерилност во тој ултра-модерен изглед кој на дизајнот му ја одзема вродената моќ. Особено еден материјал здосади до препотување - букле. Доста.

Наместо тоа, пробајте топли, кафени акценти. Одговара со претходно споменатиот тренд на винтиџ+органско - богати, темни дрвени површини и кожен мебел.

5 јануари 2023 - 11:57