Јелисавета Сека Саблиќ:

„Татковина е таму каде што ти е добро, а не каде што се сармите“

„Уметноста овде е на маргините на општеството. Mладите се препуштени на евтиност, пореметени вредности, или се осудени на иселување од земјата, на бежанија од овде. Па, некогаш најдобрите ги протеруваа на Сибир. Тоа во вакви режими е природно,“ ќе каже Сека Саблиќ во едно интервју за магазинот НИН.

Интервјуто за жал не е достапно цело онлајн, но изјавите што истекоа на интернет, дел како промоција на самиот магазин, дел како извадоци пренесени од други медиуми, предизвикаа масовни напади упатени кон Сека Саблиќ, како да треба сега да се преправаме дека не е апсолутно за СЀ во право:

„Ние сме еден мразачки народ. Братоубиствен. Партизански и четнички. Руски и американски. Звездашки и партизановски. Црвен, црн, жолт… Многумина би рекле, за никаде сте вие. Ама има понекоја оаза каде што меѓу нас, раскараните е прогласено примирје. Тие оази предизвикуваат насмевки, топлина, растеретеност. Онаква што потсеќа на среќа, дом, Југославија, Србија, Сараево, или што и да му треба на некој. И без разлика што сме мразачи по некаков идиотски код, нејзе ја изземаме.“

Дали, и на кој начин дневната политика влијае на светот на театарот, филмот и уметностите воопшто?

Уметноста овде е на маргините на општеството. Младите се препуштени на евтиност, пореметени вредности, или се осудени на иселување од земјата, на бежанија од овде. Па, некогаш најдобрите ги протеруваа на Сибир. Тоа во вакви режими е природно, да се тргнат сите што вредат, што имаат интегритет, што се писмени и мислат. Секој независен интелектуалец овде пречи и треба да се отстрани, како што Сталин ги отстрануваше сите што знаеја да се потпишат. Бидејќи културата е маргинализирана, општеството се турка во депресија и апатија. Во светот, цивилизираните народи одат кон сопствениот интерес, а за остварување на тој интерес потребни се најдобрите. Тоа овде не е случај.

Овде ни протестите, макар траеле и година дена, како што беше во текот на 2019 - не се успешни, како што на пример бива во светот?

Протестите не успеваат затоа што им се мешаат лажни демократи и нашите луѓе во принцип се доста морално разнишани. Кога ќе се запрашаат, во однос на буџетот кој се издвојува за културата - дали на овој народ воопшто му е потребна култура, кога е веќе 30 проценти функционално неписмен, одговорот е дека без култура, еден народ нема иднина, а ќе го изгуби и минатото.

Овде политиката е навлезена во секоја пора. За театарот да опстане во својата моќ и вистина, управниците би требало да се независни. Во мое време, големата Мира Траиловиќ беше единствен управник што беше надвор од комунистичката партија и колку што знам, многумина од нас нѐ зачува со тоа. Така што, јас не сум ги забележала тие страшни притисоци во културата, како што се случуваше на Факултетот за драмски уметности пред многу години, кога го избркаа големиот режисер Саша Петровиќ, а Лазар Стојановиќ го осудија на три години робија затоа што направи авангарден дипломски филм со наслов „Пластичен Исус“. Драго ми е што можам да ги спомнам.

Како опстанува театарот? Додатен проблем е короната? Илјадници уметници ширум Србија со месеци немаат за основни потреби, леб, млеко и сметки. За власта се речиси невидливи.

Фала им што не обрнуваат внимание. Не дале ни динар. Не знам како опстојува театарот. Јас лично уживам во две претстави, „Врат од стакло“ и „Лажливка“. Дали тие стварно допираат до луѓето, во однос на тоа што јас го играм, се надевам - да. Во претставата „Врат од стакло“, играм баба на мои години која е единствена што се буни, сите други се во длабока анестезија. Се разбира, сѐ е тоа џабе и таа ја завршува претставата без никаква победа. Во претставата „Лажливка“ во Ателје исто така играм стара жена, која исто така се буни. Таа доаѓа во лажен музеј на некој тајкун, кај некоја друга стара ажена што работи во музејот и го живее својот мал, зарѓан живот и не обрнува внимание на ништо, несвесна дека помага на лопов, тајкун, ѓубре, олош, како што ќе каже и мојот лик. И понатаму, мојот лик вели: „Ем ја украл зградата, ем градот му ги плаќа сите комуналии затоа што е тоа божем градски музеј, и тој сето ова ќе го шутне во некој подрум и ќе се всели овде.“ Така, овие претстави се однесуваат на нас, на мене и зборуваат за тоа како целово ова општество е пореметено и поделено.

На какви поделби мислите?

Меѓу оние кои мораат да гласаат за власта и оние кои не гласаат.

А што е со опозицијата?

Не знам. Не разбирам. Можеби утре ќе се соберат некои луѓе, некои нови, некои стари, можеби, но засега од тоа нема ништо. И подобро да не се појавуваат во тие крпи, делови, фронцли… Јас во нешто друго верувам. Верувам дека ќе се разбуди некоја енергија и луѓето ќе се побунат. И верувам дека тоа ќе бидат работниците, некои поради егзистенција, други поради своите права и некои слободи и дека зад нив ќе бидат младите…

Кога ќе се случи тоа?

Од кај да знам, што би рекла мајка ми кога беше на мои години - ма, баш ми е гајле.

Како е можно Чкаља и Мија и многу други југословенски ѕвезди да умреа заборавени и во сиромаштија?

Така е, одамна забележав дека се заборавени. Тоа беа национални фигури. Замрачени беа во време на Милошевиќ, кон крај на ’80-те. Миќа Орловиќ, Чкања, Мија… одеднаш ги немаше.

На други теми:

„Долго трае таа агресија од лаги. А народот уште од ’90-те се навикнува да живее во страв, анестезиран и немоќен, социјализиран на погрешно поставени вредности на кои се развива посебен менталитет. Народот никогаш не го следел својот интерес, туку верувал во пароли - патриотизам. Секогаш желен сите да го сакаат и обожаваат, а лут и беспомошен ако не е така.“

На сето ова бесно реагира Марко Атлагиќ, од владејачката Српска напредна странка, велејќи ѝ на Саблиќ дека „ѝ фали патриотизам“ и дека „треба да прочита малку историја на српскиот народ“, и други некои недостојности, а ретко кој јавно ја одбрани, додека не се појави соопштението од Здружението на драмски уметници на Србија:

„Јелисавета Сека Саблиќ е актерско, уметничко име кое самото себе се брани со својата величина. Таа е врвна уметница, овенчана со најголемите награди и признанија, сакана и почитувана. Нејзиното дело, театарско, филмско и телевизиско ја прави живо културно добро на оваа земја и овој народ. Се надеваме дека сите кои слушнаа што е изговорено во Собранието ќе препознаат дека тоа не е само напад на Сека, туку и на сите граѓани кои ја почитуваат и сакаат, на културата во нашата земја, на правото на слобода да ги искажеме своите чувства и мислења на било која тема.“

1 декември 2020 - 13:40