Супер ѝ е на Меган

Кој би рекол дека девојчето туристички сликано пред Бакингемска палата, години подоцна ќе носи титула што не била доделена уште од 1800-тите?

Го дадовме Хари, ја омаживме Меган Маркл. Њујоркер тоа одлично го срочи:

„Разведена Американка се мажи за човек чиј брат ќе стане крал, само заради таткото на неговата баба по татко, кој станал крал само затоа што брат му сакал да се ожени за разведена Американка.”

А сега, парот познат како Принц Хари и г-ца Меган Маркл станува, кхм:

Војводата и војвотката од Сасекс.

Неколку часа пред да се венчаат, кралицата им ја додели новата титула на внукот и снаата. А од палатата изјавија:

„Кралицата денес го имаше задоволството да му додели титула војвода на Принцот Хенри од Велс. Неговите титули се сега Војвода од Сасекс, Ерл на Думбартон и Барон Килкил. Со тоа, тој станува Неговото Кралско Височество, Војводата од Сасекс, а г-цата Маркл, (која како американски државјанин до саботата сабајле беше „обичен народ”), сега е Нејзиното Кралско Височество, Војвотката од Сасекс.”

Интересното е што оваа титула не била доделена уште од 1800-тите. Последниот Војвода од Сасекс бил Аугустус Фредерик, шести син на Кралот Џорџ III. Долго ја спремале за Хари и неговата идна сопруга, бидејќи последниот носител починал и ја оставил со чиста репутација.

Како што рековме, супер ѝ е на Меган.

21 мај 2018 - 17:17