Што гледаат во неа?
Токму тоа прашање нè зјапа во лице, еве уште еднаш, додека Меган Маркл, војвотката од Сасекс уште еднаш е на врвот на трендинг листите, овој пат поради ме-изеде-туѓ-срам интервјуто во Д Кат и пристигнувањето на нејзиниот нов подкаст, Архетипови. Повеќето Британци се одамна неимпресионирани од Маркл, уште откога напуштија кралски должности со принцот Хари, поради наводно расистички настроената палата, расистичките медиуми и јавност, со нула докази за овој третман. Според ЈуГов, само четвртина од британската јавност ја сака Маркл и е 14-та, веднаш над принцот Ендру, на листата на популарни претставници на кралското семејство. Во меѓувреме, либералните медиуми и понатаму ја третираат како хероина, како жртва-светец и упорно ја обожаваат по колумни, во придружба на ласкави фото-сесии.
Овој нов прилог од 6409 зборови од Д Кат мора да се види за да се поверува дека постои. Претставува спектакуларен неуспех на свесноста за себе, бунар без дно од калифорниски кринџ. Почнува со новинарката Алисон Дејвис која влегува во огромната куќа на војвотката во Монтесито, опишана како „така голема што те свестува дека незамисливото богатство е нечие реално секојдневие“, пред Меган да почне да зборува за опресивниот третман што го имала во Британија и триумфалното себеизмислување како лажно-хуманитарен инфлуенсер. Мултимилионските договори на парот со Спотифај и Нетфликс - статијата нафрла и неверојатен документарец што се работи во моментов - се презентираат некаде меѓу актите на јавна служба и на себеспознавање. „Се чувствувам поинаква. Се чувствувам појасна. Како да си го наоѓам - не гласот. Гласот го имам долго време, туку можноста да го користам,“ ќе каже Меган за нејзиниот нов подкаст чиј таргет се сексистичките стереотипи кои наводно ги кочат жените.
Архетипови е, на свој начин, несвесно пресуда за нарцизмот на нашата ера. Ера во која личното е политичко, па бескрајното мелење за себе се третира како форма на активизам. Ера во која на старомодната опсесија на ѕвездите со самите себе се гледа како на нешто речиси прогресивно. Со речиси комична предвидливост, Маркл ја почнува првата епизода - интервју со големата Серена Вилијамс - со приказна за како кога била мала, пишувала писмо за сексистичка реклама за сапун, која потоа наводно ја повлекле и примила и писмо од самата прва дама Хилари Клинтон. Приказната Маркл ја тера со години. Ја спомна и на Конференцијата на жени на ОН во Њујорк во 2015. Но, пред да премине на дискутирање на достигнувањата на една од најголемите спортистки на сите времиња, ќе нè почести со уште едно толкување. „Оф, ова ич не поминуваше кај 11-годишната јас,“ ќе каже Маркл, сеќавајќи се на моментот кога прв пат фрлила поглед на тоа копиле од реклама. Тоа што вистинитоста на оваа приказна беше неодамна доведена до прашање не ѝ пречи. Фокусот останува на тоа дури и кога ќе се сврти кон Вилијамс. „Што те натера да посакаш да го направиш ова со мене?“ ѝ е првото прашање. И по сценарио, Маркл зборува повеќе од Вилијамс во првата епизода.
Уште една анегдота за кревање веѓи ќе понуди на статијата во Д Кат. Тврди дека на лондонската премиера на римејкот на Кралот Лав, член на екипата со потекло од Јужна Африка ја тргнал на страна и ги споредил прославите на нејзината свадба со оние кои следеле по ослободувањето на Нелсон Мандела. „Само сакам да знаеш,“ овој неименуван актер наводно ѝ кажал на Маркл, „дека кога се омажи во ова семејство, на улица се радувавме исто како кога го ослободија Мандела од затвор.“ Внукот на Мандела оттогаш посочи на апсурдноста на споредбата. „Прославата на Мадиба во основа беше за надминувањето на 350 години колонијализам и 60 години брутален апартхејд во Јужна Африка,“ изјави за Мејл Онлајн, „така што не може да се едначи со бракот на дворасната Меган со бел принц.“ Иако Меган признава дека „не е Мандела“, според статијата, новинарката сепак се прашува, „ако си симбол на сè што е добро и добротворно, како може некому да му пречиш, како може некој да те мрази?“
Па, така како „симбол на сè што е добро и добротворно“ може да е и начинот на кој Маркл се гледа себеси, заедно со навивачите во медиумите. Но јавноста гледа нешто сосема поинакво: славна личност што не запира со величање на себеси, со нејасен поглед на реалноста. Таквата јавност се разбира рефлексивно се обвинува за расизам, дури и во отсуство на било какви докази за тоа. Но има - да бидеме искрени - еден куп други причини зошто луѓето би можеле да не ги сакаат војводата и војвотката од Монтесито. Егоманијата и помпезноста не се новост во Холивуд, но ретко таков моќен пар имал толку малку талент и шарм за да го избалансира тоа. Слепилото на медиумите за длабокото незгодно што го создаваат Хари и Меган е можеби најударно околу сето ова, и фино е илустрирано во еден бизарен момент кон крајот на статијата: „Хари почнува да танцува на сопствениот битбоксинг, а Меган се наведнува и се вклучува, па и јас самата почнувам да го правам тоа, додека таа не ми се насмевна чудно и сите сфативме дека е малку чудно да се дружиме на овој начин.“
Чудно е само еден збор за да се опише тоа. Идентитетски политики, валоризација на бидувањето жртва, наводната неприкосновена природа на нечие одживеано искуство - толку многу од елитните трендови на нашата ера се комбинирани во Шоуто на Хари и Меган. И често со комични резултати. Завршивме со војвотка милионерка што плаче дека е во опресија од удобноста на нејзината калифорниска куќерда и медиумите се мачат да ја видат иронијата на сето ова. Завршивме со глорифицирана инфлуенсерка што се споредува себеси со Нелсон Мандела. Во време кога „кажување на сопствената вистина“ е изгледа поважно од реалната вистина, во време кога глумењето доблест е поверојатна алтернатива на реално правење нешто корисно, Меган е изгледа лицето на прогресот. Без разлика што никој тоа не може да го види. Претворивме нарцисоидна личност во херој.