Што прво ви паѓа на памет кога ќе помислите на Њујорк? Освен филмови каде што и самиот град е еден од ликовите, најчестиот одговор е веројатно стаклени облакодери до кај што ти гледаат очите. А јасно е дека не било отсекогаш така.
Додека 5-та Авенија сè уште била само нечија замисла, се планирало да се повлече на сред гратче со име Сенека, населено од сиромашни ирски имигранти и афроамериканци. И требало да се вика Среден пат. Сенека е денес Централ Парк, местото што на богаташите им се видело одлично за редење куќи од карши - идеална комбинација на свеж воздух и бетонска џунгла. Наскоро, линијата покрај Централ парк се начичкува со куќа врз куќа, додека аристократијата се натпаметува и натпреварува кој ќе изгради или купи поубава и кој на поекстравагантен начин ќе го покаже богатството.