Добрата маскара може да направи чуда за трепките, тоа ни е јасно, но она што е ново е дека може да се подигне нивото на техника за извлекување на најдоброто. Мејкап-артистите го користат ова со децении и се вика mascara cocktailing, а се работи за метод за нанесување слоеви за да се скројат ефектите на маскарата по мерка.
Џеки Пикола е шминкерка од Њујорк што за PureWow има многу да каже за методот - се работи за техника со која се нанесуваат повеќе маскари, за да си креирате уникатна формула специјално за вашите трепки.
„Сите имаме неколку различни маскари што ги обожаваме, а со коктелот може да се нанесат во слоеви за да се добијат ефектите на секоја од нив истовремено,“ вели Пикола.
Повеќето производи се фокусираат на една работа - издолжување, здебелување или виткање. Ретко еден производ ги штиклира сите три работи одеднаш, или дури и да вети на амбалажата, тешко дека ќе ги постигне сите со еднаков интензитет. Ова веќе го знаат и славни личности и славни шминкери: Џесика Алба го има споделено сопствениот коктел со светот (два прајмери и маскара за издолжување трепки), а сега стигна до ТикТок, што значи многу брзо ќе влезе во секојдневна употреба.
Како сами да си направиме коктел?
Пред да се фатиме за трендот, Пикола предлага да си ги загледаме трепките - дали се прави, или природно свиткани? Кратки или тенки влакна? Светли или темни? Кога ќе го разбереме сопствениот тип на трепки, тогаш можеме и да размислиме која комбинација најмногу ќе ни одговара.
- Издолжување + задебелување: Ако имате тенки, кратки или виткани трепки, размислете за овој коктел, со кој се постигнува полност и дефинирање. Пикола предлага да се почне со неколку слоеви маскара за издолжување, пред да се намачка маскара за волумен на врвовите.
- Виткање + волумен: Ако имате тенки и стап-прави трепки, оваа мешавина може да ви ги направи поизвиткани и да им даде поголем волумен. Еден или два слоја маскара за виткање за да се подигнат, па маскара за волумен од корен до врв за уште поголем ефект.
- Водоотпорна + обична маскара: Водоотпорните се супер корисни за по цели денови, но често знаат да им фалат карактеристики што ги нудат неводоотпорните. Овде коктелот е многу корисен: „Почнувам со водоотпорна маскара за виткање и билдам слоеви на коренот на трепките,“ вели Пикола. „Водоотпорната формула дава и посилна, подолготрајна основа. Потоа, додека се сè уште влажни трепките, поминувам со маскара за издолжување само низ средината. Создавање должина во центарот ви го дава тој Бамби-ефект на ококорени кукла-очи. Водоотпорната формула пак, дава сигурност дека ништо нема да се размачка во текот на денот.“