Едиција „Кај им текнуе”

Се разбира дека постои маска „Секси Меган Маркл”

Два моменти врежани во поп-културата имаме за разгледување: едниот е кралската свадба, Хари и Меган Маркл жигосан во медиумската историја. Другата е потребата од сè да се направи порно, подкатегорија: од сè да се направи секси костим за маскенбал.

Секси Дедо Мраз, Секси калуѓерка и Секси Гоустбастер. Пригодно.

„Ноќта на вештерките” од традиција да се облечеш во нешто застрашувачко и така да избркаш лоши духови, со секоја наредна година станува сè пофин изговор или да се изглупираш, или да се разголиш. Некаде во средина е и остварување на желбата да се преправиш или да ја реализираш потребата за уметност каде што лицето или телото ти е платно. Локално, сето ова е прошарано со по некој Македонец што урла „не е тоа наш празник.” И така.

Сите поголеми (па и не толку големи) филмови и серии имаат своја порно верзија. А сите класични Халовин маски имаат своја разголена, секси верзија.

Да, Секси Трамп е во прашање, не знам што ви е чудно.

Во последните дваесет години, од мачка, вештерка и ѓавол, преминавме на секси мачка, секси вештерка и секси ѓаволЧЕ, тоа е една категорија. Втора и побизарна е секси пица, секси врата, секси џогер и такви работи за кои треба да им се честита на авторите. Трета категорија е сè што прошло низ наслов во медиум во секси варијанта.

Па така и секси Меган Маркл, и тоа невеста.

Плус, не е толку едноставно. Костимот доаѓа со актовка, што потсеќа на ангажманот на Меган Маркл во едно реално гејм-шоу, плус сако, нели, Меган Маркл во Suits.

Целата маска се вика „Американска принцеза”. Те тераат да ја купиш вака: „Живееш во вистинска бајка! Подготви се да прошеташ до кралскиот олтар со овој ексклузивен костим на ‘Американска принцеза’.”

Стварно, кај им текнуе.

Секси Трамп е боље.

Него, кажувајте чаре како да ги избациме од глава сите локални варијанти за секси костим.

16 октомври 2018 - 12:05