Се ближи Ocean’s 8!

Зошто извичник? Па, сте виделе ли трејлер од тоа чудо?

Години откако римејкот на Ocean’s Eleven и неговите продолженија нè исповозбудија што со одлични сценарија, што со врвна актерска игра, Холивуд работи на „женско” продолжение, каде што сестрата на Дени Оушн, Деби, покажува колку крвта не е вода.

Покрај тоа што се ближи датумот на премиерата, возбудливо е што филмот и неговата содржина доаѓаат во време кога жените се сè погласни, а модата е сè поприсутна во сите сфери на животот. А со оглед на тоа што дејствието меѓу другото вклучува и Мет Гала, повеќе од јасно е дека филмот добил еден тон помош од модната индустрија.

Костимографката Сара Едвардс не сфаќала до крај колку е голема работата додека не им се јавиле од Картие да понудат да се носи (и краде) нивниот накит. Фактот што во екипа се Кејт Бланшет, Сандра Булок, Ен Хатавеј, Минди Кејлинг, Сара Полсон, Оквафина, Ријана и Хелена Бонам Картер си го направил своето.

„Седевме во една неверојатна соба и од Картие ни носеа послужавници со накит за сите промени во гардеробата на Ен,” раскажува Едвардс за спремањето на костимите на ликот на Хатавеј, Дафне Клугер.

Плус, со оглед на тоа што сите овие жени се навикнати да бидат главни ѕвезди во нивните проекти, меѓу себе биле многу фини кога требале да ја делат костимографката - што е одлична порака во ова хаотично време на #MeToo кога жените често знаат да си го јадат џигерот една на друга, во живо или на интернет. Едвардс и режисерот Гери Рос почнале да ги градат ликовите и нивниот изглед уште во 2016-та и во сред работа им се случил скандалот со Харви Вајнстин. Меѓу другото, тоа е и дел од причината што е пречекан со овации дури и во оваа фаза, кога Холивуд станува свесен за родовата нееднаквост. Сепак, Едвардс објаснува дека „филмот го правевме уште пред Time’s Up движењето. Иако делумно и поради тоа е во центар на вниманието, супер е што почна да се случува уште пред сето тоа.”

За сцените со Мет Галата воопшто не станувало збор дека смеат да се користат обични костими. „Никогаш немаше да изгледа вистински ако отидевме до некој трговски центар!” вели Едвардс. И стварно, овде модните великани се изредиле за помош како ретко кога, а можеби и никогаш до сега. Затоа Деби Оушн односно Сандра Булок носи Алберта Ферети, плус ќе видиме Живанши (Бланшет), Зак Позен (Ријана), Валентино (Хатавеј), Долче и Габана (Бонам Картер), Наим Кан (Кејлинг), Прада (Полсон) и Џонатан Симкаи (Оквафина), плус уште неколку славни личности ќе имаат камео улоги и никако нема да се појават во гардероба од обичен дуќан.

Кај нас доаѓа во кино на 14-ти јуни и одбројуваме.

Еве го трејлерот пак:

6 јуни 2018 - 13:36