Минатата недела Ријана најави колекција за долна облека што треба да излезе на 11-ти мај, а во вторникот објави слика во парче од колекцијата на Инстаграм. Фановите - пресреќни, со посебен акцент на изјавите „конечно прслук во моја големина”.
Тоа е затоа што големините ќе одат до 44-ка, а такви нема кај големите (а посакувани) брендови како Журнел, Викторијас Сикрет или Еверлејн. Тоа на возбудените Твитер корисници што се радуваа за новоста им дојде толку јако, што заклучија и дека „Savage x Fenty ќе ја направи Викторијас Сикрет нерелевантна.”
Ова не е неочекувано со оглед на тоа што Ријана со колекцијата за шминка ги услужи сите жени со сите тонови на кожа, од најсветол до најтемен, и на сличен начин Savage x Fenty ќе има од најголеми корпи, до најситни броеви.
Името на Ријана значи дека сè што ќе извади многу веројатно ќе стане хит, па никако на површина да испливаат негативните коментари дека е премногу ризично да им ветуваш брда и долини на жени од секаква големина, боја или форма. Особено се вложува труд во обраќањето до маргинализираните (а и сите други) жени, со препознавање кои сè аспекти се игнорирани од другите брендови.
И затоа е скоро сигурно дека кога ќе излезе новата колекција и ќе го потресе светот (а ќе биде така, Ријана е во прашање), брендовите кои до сега ги игнорираа потребите на оние на кои Ријана директно им се обраќа - полека, полека ќе почнат да се вртат кон нив.
И можеби конечно ќе им текне дека со игнорирање на поголемиот дел од можните клиенти губат неверојатно многу пари и пропуштаат еден куп бизнис-можности.