Пробајте да бидете слаби некое време, па да видите како е

Секогаш има една во друштво што јаде колку сите заедно и пак е слаба. Ретко се жалеле таквите дека се преслаби и дека им е тешко, главно се жалат тие што и вода им се фаќа и од магла се дебелеат. И сè тоа беше во ред, додека не дојде новата боди позитивити мода и не само што се опседна со себе - туку и удри по слабите на кои често знае да не им е лесно.

Лесли Магалејнс се уморува од коментари за нејзиното тело. Разговарала отворено со луѓе за тоа колку јаде и колку често има проблем да најде адекватна облека што ќе ѝ стои. Не смета дека телото ѝ влегува во категорија - совршено, според вообичаените стандарди. Единствената разлика меѓу неа и мнозинството што зборува за боди позитивити е што нејзе ја критикуваат дека е преслаба.

„Не ни е лесно,” пишува таа во пост на Фејсбук. Благодарна е што може да јаде што сака, но сепак е тешко,

„Да те викаат анорексична, да ти кажуваат дека треба повеќе да јадеш затоа што си коска и кожа, дека изгледаш гладно, и да те прашуваат ‘те хранат ли твоите’, ПОСТОЈАНО да си го мерат зглобот со твојот и да ти кажуваат колку си слаба како да не знаеш, и да те прашуваат кај ти е газот и кај ти е остатокот од градите.”

Вели дека пробува облека во која нема да изгледа како костур на батерии, но сепак добива коментари. Разбира дека крупните девојки добиваат уште повеќе критики, но би сакала за возврат да не се вртат против девојки како неа.

„На крајот на краиштата, не е важно дали си слаба, дебела, буцкаста или ниска, сите имаме убави тела,” заклучува.

Карен Тенреиро е психолог, специјалист за нарушувања со исхраната. „Луѓето поотворено ѝ даваат негативни коментари затоа што не очекуваат дека звучат бесчувствително,” изјавува Тенреиро за Јаху Лајфстајл.

Една Фејсбук корисничка, Емили Никол Харт има многу добра поента на темава:

„Во процесот на бустање на самодовербата на крупните жени, направија слабите девојки да се чувстуваат одвратно и помалку женствени. Постот 100% покажува како слабите девојки се чувствуваат кога постојано ги закачаат дека се преслаби.”

Се разбира, огромен дел од реакциите се движат околу „многу разбираш ти, што никогаш не си морала да држиш диета.”

Друг коментар речиси и да ја заклучува дискусијата за тоа како понатаму:

„Не треба да има натпревар кој е најмаргинализиран. Постот бара да ги почитуваме сите форми и големини. Според ова, девојкава е во право што мисли дека не се вклопува затоа што е слаба.”

Додека се борат дебелите и слабите за тоа на кого му е потешко, кај се оние средните?

Стварно, што правиме со жените што не се ни слаби ни дебели?

19 јули 2018 - 12:57