Последниот расказ на Вуди Ален не се појави во вообичаените мејнстрим списанија. Го објави мал журнал за интелектуалци - The New Criterion, чиј конзервативен уредник Роџер Кимбал е поддржувач на Доналд Трамп. Вуди Ален порано го објавуваа либерали како Њујоркер, а сега е доведен до ситуација да се објавува во весник што порано го исмевал. Во „Ени Хол“ коментира дека журналите Дисент и Коментери се споиле и го формирале Дизентери(ја). Тие што ги следат сите овие - веднаш сфаќаат.
Изолацијата на Ален почна кога тој ја започна врската со посвоената ќерка на Миа Фароу, Сун Ји, во 1992, кога таа имаше 21, а тој 56. Се земаа неколку години подоцна, заедно се 30 години и имаат две пристојни и успешни посвоени ќерки. После ова понижување, Фароу беше одлучна да ја продолжи битката, како што се развиваше движењето #MeToo. Тогаш, Ален влезе во ист кош со Харви Вајнстин.
За да биде полошо, Фароу го обвини Ален дека ја злоставувал нивната заедничка посвоена ќерка, Дилан Фароу, кога имала седум години. По години истраги, немаше траги и докази за наводното злоставување, и немаше ни обвиненија. Сепак, Миа Фароу учествуваше во цел документарец. И ко за беља, мини-серијата како да го расчисти името на Вуди повеќе отколку на Миа, иако намерата беше спротивното.
И автобиографијата му ја отфрли првичниот издавач затоа што вработените протестираа на улица. Ронан Фароу, родениот син на Фароу и Ален, кој и го предводеше #MeToo беше упорен да го поништи татко му по секоја цена.
Станува бизарно кога ќе се земе предвид дека Миа Фароу останува долгогодишна пријателка и подржувач на Роман Полански кој пак со докази беше осуден за силување на малолетна актерка и избега од САД за да не оди во затвор.
Сега јавната битка се одвива меѓу актери што жалат што работеле со Ален и актери што не жалат. Обично помладите се тие што жалат - Тимоте Шаламе, Грета Гервиг и Елиот Пејџ. Некои од постарите што се пријавија за жалење беа Дру Баримор, Мира Сорвино, па дури и Мајкл Кејн. Патем, Мајкл Кејн не искажал јавно жалење што работел со Шон Конери, кој пак има докажано проблематични ставови за жените.
Тие што не им попуштија на разјарените медиуми се Скарлет Џохансон, Дајен Китон, Кејт Винслет и Хавиер Бардем, кој се појави во „Вики Кристина Барселона“ и го има наречено Ален „гениј“ и има изјавено дека не би се ни мислел кога би можел повторно да работи со него.
Слична лицемерна приказна беше и со актерите што јавно се откажаа од Џ.К. Роулинг заради нејзиниот став за родовиот идентитет. Даниел Радклиф и други актери кои се збогатија од нејзиниот интелектуален имот и сега удобно живеат од тоа и години подоцна, побрзаа да ја „поправат“ дека „не е убаво така“. Роулинг во ниеден момент не се потресе и сега студиото ја моли да се врати за планираната Хари Потер серија, откако ниеднаш не застана на нејзина страна.
И покрај сè, Ален продолжи да снима, иако филмовите не му се дистрибуираа во Северна Америка. Амазон се повлече од договорот да ги прикажува четирите најнови филмови. Ален сега снима во Европа, меѓу снимените е и неговиот 50-ти филм, Coup de Chance, кој имаше премиера на филмскиот фестивал во Венеција и доби добри критики. Со оглед на успехот во Европа и Азија, и Америка реши да го пушти во април.
Ако има некаква поука во сево ова, тоа е дека животот е хаос. Ален издржа затоа што приоритет му беа семејството и работата. Фароу се фокусираше на враќање и одмазда. Има тука и некоја грчка семејна трагедија меѓу редови и како што коментира Патрик Лучиани од Хаб, може ќе ја видиме во некој нареден Вуди Ален-филм.