Поезијата на Бирото за пронајдени работи во Париз

На јужниот крај на Париз, на 460 квадрати, се чуваат изгубените нешта на градот. Бирото за изгубено-најдено, или Биро за најдени предмети како што официјално се вика, е институција стара повеќе од 200 години и една од најголемите од овој вид во Европа. Сè што е оставено во метро, во музеј, на аеродром или што ќе се најде на улица или во сандаче, без информации на него доаѓа до тука, и тоа се околу 600-700 предмети дневно.

Чадори, новчаници, ташни и ракавици ги исполнуваат полиците, заедно со некои почудни работи: венчаница со невестински штикли, вештачка нога, урна со човечка пепел, на пример. 

Бирото е под јурисдикција на полицијата и внатре работат исклучиво Французи – а сепак, се работи за еден поетичен простор, каде што се судира француската бирократија со општествените идеи на самата земја.

Парижаните на памет ја знаат и улицата каде што се наоѓа и со мелодија во гласот одговараат дека се работи за Rue des Morillons кога ќе ги прашаш. Овде, чекалната е избањата во светлина и не е опремена со пластичните столици што ќе ги најдеме (кога ќе размислиш и нема да ги најдеме) во чекална на една државна институција кај нас, туку со дрвен мебел од деветнаести век. Повеќето луѓе пристигаат со пликоа во рака. Кога ќе стигне предмет со информации за сопственикот (лична карта, новчаник со документи и сл.) од Бирото веднаш го информираат.

Движењата на луѓето внатре се како научени. Сите на еднаков начин реагираат кога ќе го најдат своето изгубено парче живот, па со воодушевување ги проверуваат џебовите од заборавениот капут, изненадени што внатре сè уште стои бонбоната, марамчето и клучот. Или сите шалови, и растурени листови од семинарската во изгубената ташна. Надја Спигелман која ја раскажува приказната за Бирото во Њујоркер, опишува една ситуација:

Луѓето не можат да поверуваат. Една жена доаѓа со маж и, чијшто новчаник бил украден во метро, и се развикува „Не можам да поверувам, види Пјер! Еве ти ја сметката од денот кога го изгуби. Тој ден беше да пазариш!” Секојдневните обврски, од овде се гледаат повозбудливи, кога нешто е изгубено, а потоа најдено.

Директорот на Бирото, Патрик Касињол раскажува дека често се случува луѓето кои доаѓаат по еден изгубен предмет, да изгубат друг во истиот момент. Неговата теорија е дека емоциите водат кон заборавност, или можеби, тоа се типови на луѓе кои едноставно се предодредени да ги губат нештата, како да фрлаат трошки зад себе.

Внатре, таваните се високи, а просторот е исполнет со сиви метални полици. На малите полици има новчаници, книги и таблети напикани едни во други, замотани во хартија која го носи нивниот архивски број. Посебни секции има каде што се наоѓаат предмети од различни видови, како кацига за мотор, колички за пазарење, бастуни и тениски рекети. Една полица од под до плафон е исполнета со плишани животни, кои еден од вработените грижливо ги реди за да го разведри просторот. Страниците на металните полици се декорирани со магнети и мали Ајфелови кули испуштени кој знае по кој пат од расеан турист.

Предмети во вредност помала од 100 евра се чуваат по 4 месеци, а предмети од над 100 евра – година дена. После тоа, сите предмети кои содржат лични податоци се уништуваат: клучевите се топат, документите одат во шредер, лаптопи и телефони се уништуваат. Другите предмети прво му се нудат на пронаоѓачот, кој го викаат и l’inventeur, што, ако сè уште поетски го доживуваме ова симпатично биро – му доаѓа како измислувачот на предметот. Ако никој не дојде по предметот во ниеден случај, тогаш предметот станува сопственост на државата.

Полиците се празнат систематски, во бранови. Летните месеци носат очила за сонце, а есенските ташни за во школо и кутии за ужинка. Касињол вели: „Сега имаме УСБ-а, скутери и оние, како ги викате што се лизгаат… ховербордови.”

Еден од тие е внимателно сместен во задниот дел на магацинот, каде што еден мал агол е претвворен во приватен музеј на чудни работи. Таму стои и невестинскиот фустан, за кој легендата вели дека бил оставен во такси после жестока расправија. Има реплика на улична ламба од метар ипол, гипсена статуа од Исус, медали, војнички униформи, сабја од 1892-ра (никогаш непобарана, веројатно од страв дека реален музеј ќе ја прибере) и вистински човечки череп, пронајден на железничка станица блиску до катакомбите.

Во Бирото работи Вероник Балсан, која почнала како дактилографка, на 21 година, а таму е веќе 35 години. Таа раскажува дека во ’80-тите, амбиентот бил многу пофин за работа и дека по двајца работеле на еден случај, обидувајќи се да ги споредат описите со предметите.

Денес бирото има мала детективска служба која ги наоѓа сопствениците, но имаат ограничен пристап поради сајбер-безбедност, па мораат да се служат со финти од типот јавување на бројот од визит карта на докторот, па да го прашуваат за пациентите и кој би можел да има таков и таков новчаник. Вака успеале да вратат торбичка со дијаманти на некој Американец. Еднаш, раскажува Балсан, нашле и златна флејта, чиј сопственик го нашле преку повик до конзерваторијата чиј што печат го имало на една музичка партиција во куферот. „Сме немале само пијано,” додава.

Спигелман го завршува својот текст еднакво романтично како што го почнува:

Како што го напуштаат бирото, згаснува и џагорот од чекалната. Се враќаат на своите приватни животи, рацете ги ставаат заштитнички преку нивните торби и се губат во екраните на пронајдените телефони. Но како што се шетав по Rue des Morillons, не можев а да не ги замислам жителите на овој град, лабаво приврзани за сите предмети што пловат низ него: клучевите од кола, книгите и љубовните писма кои чекаат да бидат изгубени и повторно пронајдени.”

18 септември 2017 - 13:11