
За неа пишувавме еднаш овде, кога излезе ташната-помфрит, и тоа излезе на нејзина 96-годишна возраст, како една од последните појаки, после многуте нејзини дела што ги има по музеи, меѓу кои и Амстердамскиот музеј за ташни, а и нејзиниот личен музеј, кој го отвори заедно со сопругот, карши нивниот дом во Њујорк.
Почина на 97 години, само неколку часа по нејзиниот сопруг, исто така 97-годишен, од природна смрт.

Нејзините ташни (што е јасно, според нивните места по музеи) се сметаат и за уметнички дела, а ги носеле секакви култни личности, од Дајана Рос, до Грета Гарбо, Хилари Клинтон и Барбара Буш.
Родена е во 1921-ва во Будимпешта и го има преживеано Холокаустот. На крајот на Втората светска војна се сели во Америка и се мажи за Гас Лајбер. Најголема инспирација ѝ доаѓа после криењето во мал, пренатрупан стан, во војната: „Бевме 26 луѓе во стан со една спална. Беше баш ужасно. Дизајнирав ташни во глава за да си помогнам во мизеријата,” изјави еднаш Лајбер за BAZAAR.com.

Десет години откако го започнува брендот со нејзиното име, станува првиот дизајнер на додатоци што добива Коти награда. Во 1993-та доби награда за животно дело од Советот на американски дизајнери, што истовремено е и прв пат оваа награда да се додели на дизајнер на ташни.
Нејзините најлуксузни парчиња чинеа над 4-5000 долари, што веројатно ќе треба да се множи по десет, па и по сто, откако замина во легендите.