Петар Пан доби тригер-предупредување

Trigger-warning е етикета што се става на теми (книги, филмови, видеа, објави, било што) што можат да ја вознемират публиката. И книгата „Петар Пан“ на Џејмс Метју Бари доби таква. Како ли сме живи ние што ја знаеме од 1911?

Да, веќе 112 години се децата незаштитени од страшнотиите на Петар Пан. Среќа па, им текна на некои британски универзитети, па сега му залепија етикета за предупредување од потресување. Според Универзитетот во Абердин, популарната детска книга може да се покаже како „емотивно предизвикувачка“ за некои од возрасните што ќе ја обработуваат.

Затоа одлучиле да ги предупредат студентите дека содржината може да им се види „потресувачка“ или „навредлива“. Не им е прв пат, но порано биле пологични - предупредувале дека приказните се за силување, убиства, самоубиства и расизам.

Сега е Петар Пан, и тоа не сметале на тоа дека некој може да се плаши од крокодилот или од лошиот Капетан Кука, туку од „чудните перспективи кон родот“.

Престрашно, ќе каже новинарката Лори Вастел. Прагот за она што се смета за тригер е сè понизок секој ден. Во 2016, правниот факултет во Оксфорд стави тригер-предупредувања на предавањата за сексуални напади. Едвај една година подоцна, додипломците на Англиска литература беа предупредени за неколку драми на Шекспир со „потенцијално вознемирувачки теми“. Минатата година, што е иронија над ирониите, студентите од универзитетот во Нортамптон ги предупредија на потенцијалните мисловни злочини што би можеле да ги сретнат во „1984“ на Орвел. А сега, вели Вастел, дојдени сме до ново дно, каде што дури и детската литература може да предизвика и да повреди студенти.

И не е само Петар Пан. Други книги што имаат добиено налепници се „Островот со скриеното богатство, „Децата од шините“ и „Лавот, вештерката и гардероберот.“ Значи приказни за пирати, лавови што зборуваат и самовили, со други зборови.

А ако најхрабрите решат да ја прочитаат „Петар Пан“, ќе најдат приказна со силна порака. Петар сака да остане дете засекогаш и да си игра со Изгубените момчиња и да летка без никаква грижа на светот. Но страшниот капетан Кука набљудува од мракот, па дури и Петар мора да се соочи со своите стравови. Мора да порасне.

А мораат да пораснат и студентите.

Него, му текнува ли на некои кои се тие „чудни перспективи за родот“ што се спорни во Петар Пан?

И ова: Дизни за проблематични ги оцени Ѕвончица и Капетан Кука

7 февруари 2023 - 13:22