Персоналот на Чарлс веројатно ја губи работата

Персоналот во куќата Кларенс каде што досега живееше кралот Чарлс бил известен за потенцијален отказ поради неговата преселба во Бакингемската палата, по смртта на кралицата Елизабета.

Во понеделникот, десетици вработени, меѓу кои и приватните секретари, екипите за комуникација, послугата и секторот за финансии добиле писма за „технолошки вишок“.

Главниот помошник на кралот, сер Клајв Алдертон со писмо ги информирал дека можат да ги изгубат работните места:

„Промената на улогите на нашите претпоставени ќе значи и промена за нашето домаќинство… Претходното портфолио за работа во ова домаќинство, што ги поддржуваше личните интереси, поранешни активности и домашни операции на принцот од Велс во куќата Кларенс, ќе се затвори. Според тоа се очекува дека работните позиции во куќата Кларенс веќе нема да бидат потребни.

Ценам дека ова се непријатни вести и сакав да ви дадам на знаење дека достапна е поддршка во овој момент.“

Во писмото се вели и дека вработените кои давале директна, блиска и лична поддршка и совет ќе останат на нивните позиции.

Тие што ги отпуштаат се очекува да добијат зголемени отприемнини и помош при наоѓање на нови работни места.

„После промените од минатата недела, операциите на поранешниот дом на принцот од Велс и војвотката од Корнвол се прекинати и како што е според закон, започнати се консултации,“ изјави портпарол на Кларенс за Гардијан. „Нашиот персонал имаше долга и лојална служба и без разлика што некои отпуштања се неизбежни, вложуваме напори да идентификуваме алтернативни улоги за поголемиот дел од вработените.“

13 септември 2022 - 23:01