Незамисливо, ама: Марго Роби не била прв избор за „Барби“

Ејми Шумер била. И откако не се нашле во замислата, го напуштила проектот.

После сликите, тизерите и трејлерот што ги видовме за „Барби“ со Марго Роби и Рајан Гослинг, незамисливо е да влезе некој друг на нивно место. За Рајан Гослинг ај, ама Марго Роби во оваа улога личи дека нема замена и на негледано.

Сепак, на студиото прв избор му била Ејми Шумер, од комплетно поинакви причини. Требало да учествува и во сценариото, но четири месеци по потпишувањето на договорот се откажала со официјално објаснување дека „конфликт во распоред“, за сега да признае дека не било баш така - морала да напушти поради креативни разлики.

Во интервју со Холивуд Репортер, Шумер изјавила дека за кратко сфатила дека студиото ја има „погрешната девојка“ за работата и дека само еден начин има да учествува, што пак не се совпаѓало со визијата на Сони.

„Студиото воопшто не сакаше да го прави како јас што сакав. На единствениот начин на кој што сакав,“ вели таа.

Сметала дека ликот треба да биде иноватор и се разочарала кога Сони предложиле иновацијата да биде штикли направени од желе.

Капак било кога од студиото ѝ пратиле пар Маноло Бланик чевли за да „прослават за кастингот“.

„Заради самата идеја дека само тоа сакаат жените, токму тогаш требаше да им кажам - не сум ви јас за ова.“

Сега „Барби“ е дело на Грета Гервиг и ќе биде интересно да се види што му има направено. Трејлерот ветува многу.

9 април 2023 - 22:27