Најверојатно не го миете лицето како што треба

Исто како чешлањето коса и четкањето заби, и миењето лице изгледа како многу едноставна работа на која не ѝ се потребни упатства. Е па, не го миете лицето како што треба. И ТикТок е тој што сака да биде ин јор фејс по ова прашање.

Според некои контент-креатори на ТикТок, лицето треба да се масира 60 секунди за убаво да се исчисти. Ова се чини некако долго, па од PureWow решаваат да консултираат дерматолози.

Значи, мора ли?
Експертите велат дека за чистачот (нели, сапунот, пената, средството) за лице навистина мора доволно долго да постои на лицето за да биде ефикасен. Просекот е обично 30 до 60 секунди.

Дали да биде 30 или 60, зависи од средството што го користите, и што сè треба да измиете од лицето. Ако имате многу шминка, можеби се потребни цели 60 секунди. Ако користите специјални медицински чистачи против акни, секако треба да останат подолго за да делуваат. А ако е утринско миење, кога нема ни шминка, ни проблем, доволно е 30 секунди, што за некои пак ќе биде многу затоа што има луѓе што само се плискаат со вода неколку пати.

И да, може да се претера - над 60 секунди веќе може да си предизвикате сувост и иритација.

Од останатите совети:

  • Водата нека биде млака
  • Изберете чистач што одговара за вашиот тип на кожа
  • Избегнувајте силно триење на кожата
  • Исушете ја со чист, мек пешкир
  • Кремата нанесете ја на влажна кожа

Плус за внимавање:

  • Ретинол се става на сува кожа
  • Чистач со бензоил пероксид знае да избели облека
23 февруари 2023 - 12:54