Документарец од четири дела ќе ги внесе гледачите во еден од најчудните скандали во Америка: Падот на „Кралицата на веганската кујна“, Сарма Мелнгејлис, која од славна угостителка, стана бегалец, кога заедно со сопругот Ентони Стренџис избегаа со речиси 2 милиони долари од инвеститори и вработени.
Ги уапсија во мај, 2016, откако нарачале не-веганска Доминос пица во мотелската соба во Тенеси каде што се криеле. И двајцата беа во затвор откако признаа вина за затајување даноци, измама и заговарање измама.
Ова не е ни најлудиот дел од приказната. Во трејлерот, продуцент прашува поранешен соработник на Мелнгејлис: „Знаеш за костумот од месо?“
Таа панично прашува,
„Што е костумот од месо? Леле, не, што е костумот од месо?“
Откако ќе го чуе одговорот, бара некоја минута да се смири.
Серијата доаѓа од Крис Смит, извршниот продуцент на „Тајгер Кинг“ и режисер на „Фајр: Најголемата журка што никогаш не се случи“. Има интервјуа со готвачи, поранешни колеги и пријатели на Мелнгејлис, сите со своја перспектива на она што се случило.
Пред да го запознае Стренџис, Сарма (Сарма, бе!) е сопственичка на „Њујоршка чиста храна и вино“, кој добива и признание за „најдобар ресторан за сирова веганска храна во светот“ и привлекува бројни славни личности, меѓу кои и Овен Вилсон, Жизел Бундхен и Вуди Харелсон.
„Беше пред своето време,“ вели еден од учесниците во серијата за ресторанот, кој според Њујорк Тајмс бил и местото каде Алек Болдвин ја запознал неговата жена Хиларија во 2011.
Тоа се менува откако Сарма влегува во романтична врска и на крај се мажи за Стренџис, осуденик од Ферхејвен, Масачусетс, со претходни апсења за тешка кражба и претставување како полицаец.
„Имаше еден куп теории на заговор за тоа зошто се омажи за него,“ вели еден поранешен соработник. „Да не имало некаква уцена?“
Документарецот алудира на тоа дека Стренџис имал некаква контрола врз Мелнгејлис. На почетокот, има аудио од него како ѝ вели,
„Ти за ова се пријави. Ми кажа дека сакаш среќен крај. Ако ти кажам да ги извадиш сите твои пари од банка и да ги запалиш, направи така.“
Подоцна, публиката ќе слушне дека ѝ ветил дека нејзиниот сакан питбул ќе го направи бесмртен. „Ентони ѝ кажа на Сарма дека мора да направи серија тестови,“ вели еден соработник. „Комплетно лудило.“
За кратко, Мелнгејлис почнува да цеди пари од ресторанот и да ги префрла кај сопругот за, како што вели описот на серијата, „да ѝ ги претвори соништата во реалност.“
Но, се поставува поважно прашање: Дали Мелнгејлис, како што подоцна тврдат продуцентите цело време знаела што прави? И дали е можно, како што се прашува во трејлерот, да сакала да го измами него? „Што ако токму тоа е измамата? Така изгледа како вегански Берни Мадоф.“
Доаѓа следниот месец, и заинтересираните ќе можат да ја чујат и нејзината страна - и Сарма ќе учествува во „Лош веган: Слава. Измама. Бегалци.“