Моќта на мозокот под туш

Ви се случило да миете заби или да сушите коса и одеднаш да ви текне нешто брилијантно? Тоа е затоа што мозокот е на автопилот и кога е во таа состојба му е најлесно да залута таму каде што често и највеќе треба.

Ова се вика default mode network, и претставува мрежа од различни делови од мозокот кои работат заедно и ја зголемуваат активноста кога умот ќе ти залута. Мозокот работи со еднаква сила и кога си фокусиран и кога си опуштен.

Веројатно затоа Агата Кристи има изјавено дека многу од нејзините приказни ѝ се смислени додека миела садови.

Невронаучниците Маркус Рајхл, Бренда Милнер и Џон О’Киф го имаат ова официјално откриено во 2014-та. „Откривме дека дека постои дифолт мрежа кога побаравме учесниците во едно истражување да завршат задачи кои бараа толку многу внимание што мораа целосно да се посветат,” вели Рајхл.

Откако испитаниците ги завршиле тие задачи, истражувачите забележале дека „мозокот се враќа на едно ниво на основна активност, кое постои во отсуство на одредена, постојана, надворешна задача.”

Ова ние лаички би можеле да го наречеме автопилот. Кога мозокот не е фокусиран на одредена задача, работи по дифолт: миете коса или се бричите речиси инстинктивно, затоа што сте го направиле тоа милион пати досега. Не ви треба посебен фокус. Но Рајхл и колегите откриле дека има делови од мозокот кои се уште поактивни кога сте на автопилот. Кога сте опуштени, движењата ви се механички и мозокот почнува да лута, мрежата почнува да си работи по свое, и станува најактивниот дел од вашиот мозок.

Наспроти тоа, мрежата на внимание (attention network) ни дозволува да се фокусираме на она што во моментот се случува околу нас, односно на задачи како пазарење или составување мебел од Икеа. Дифолт мрежата го прави спротивното: се фокусира на нешто внатре, и ја вклучува нашата епизодна меморија за одредени искуства во време и простор кои може да се безначајни, но сепак ги паметиме, без разлика дали се работи за разговор со колега или што сме јаделе за вечера. Некои научници ја викаат и имагинативна мрежа, зборувајќи за региите во мозокот кои „овозможуваат да се поврземе со самите себе и нашите спомени и претходни искуства - односно, минатото и иднината.”

За тие што повеќе се разбираат во научни термини, едно истражување, објавено во журналот Невропсихологија ја открива врската меѓу имагинативната мрежа и креативноста.

„Способноста да генерираме креативни идеи се одликува со зголемена функционална поврзаност меѓу инфериорниот и префронталниот кортекс и имагинативната мрежа,” пишуваат истражувачите, „покажувајќи поширока соработка меѓу делови од мозокот поврзани со когнитивна контрола и имагинативни процеси.”

Но сепак, креативноста е комплицирана, и вклучува различни делови од мозокот кои работат и заедно и одвоено. Како што известува Scientific American,

„Кога сакате да ги отпуштите асоцијациите и да дозволите умот слободно да шета, да замислите нови можности и да го замолчите внатрешниот критичар, добро е да ја намалите активноста на мрежата на внимание (малку, но не сосема) и да ја зголемите активноста на имагинативната мрежа.”

Со други зборови, морате да му дозволите на мозокот да залута, но да не претера. Репетитивна рутина како туширање, сецкање зеленчук, трчање - нуди совршена околина за имагинативната, дифолт мрежа. За вашата креативност да биде функционална, сепак, мозокот ќе се врати назад во мрежата на внимание. На овој начин ќе можете да донесете заклучок како тие залутани мисли можат да се вклопат во надворешниот свет.

Значи, ви фали некое мудро решение за проблем?

Еве ви едно видео што ќе ве научи да плетете. Има да пукате од идеи после.

17 февруари 2018 - 00:41