„Моето тело не може да ти биде мајтап за #СедиСиДома“

Плус-сајз чувствителност на реклами за вежбање во карантин

Колку повеќе се стишува светот додека луѓето се кријат од пандемија, толку повеќе време имаат луѓето за размислување. Одеднаш, имаме многу за читање - како општеството треба да научи од своите грешки, како мораме да се псоветиме да бидеме подобри кога ќе помине - како грешници што се пазарат со Господ кога се во опасност од смрт. Сепак, една работа не личи како да ќе се искорени во скоро време.

Ова го заклучува Рене Кафаро, њујоршка уредничка на боди-позитив магазин со наслов Слинк и плус-сајз инфлуенсер, и според нејзе, проблем е следното:

Заебанции со здебелување во карантин.

И не само тоа. Проблем ѝ се појавува и со напливот од реклами за препарати за слабеење, режими на исхрана, справи за вежбање, нели, додека седиме дома, додека луѓето се такмичат кој потенцијално повирална шега ќе напише на статус на тема „сѐ изедов“. Мемиња со дебели на плажа, демек, еве што нѐ чека летово, статии за дали сѐ да се изеде додека гледаш серија, и така натаму - ствари што главно стануваат досадни, ама ни на крај памет не би ви паднало дека се штетни.

Според Кафаро, интересно е што за време на пандемија „повеќето луѓе се плашат дека ќе завршат со изглед како мојот.“ Овде ќе ѝ кажеме дека не, луѓето не се плашат од твојот изглед, туку се плашат дека заради сплетот на околности, веќе нема да личат на себе. Се плашат и од смрт и од губење блиски, од полиција и од многу други работи, па веројатно и заради тоа најлесно им е отворено и со смеење да се плашат дека ете, ќе се здебелат.

„Плус-сајз жени се бунат против карантинските мемиња за здебелување и сите ги пречекуваат со истиот рефрен: ‚Добро, де, разведри се.’ Но, тешко е да се сфатат овие мемиња како безопасни шеги, кога сфаќаш дека се вртат околу културата на диети и може да разгорат веќе постоечки проблеми во исхрана или да предизвикаат мажи и жени кои се лечат од нарушувања, повторно да им се вратат.“

Интересно е како се користи терминот „култура на диети“, како да е тоа нешто лошо, особено што, апелот што доаѓа од секаде, особено од каде што е важно е - здрава исхрана, внимавање што се внесува и одржување на целокупното здравје со вежби.

Кафаро има атипична анорексија; супклиничко нарушување во однесувањето кон исхраната: се испостува со денови, едвај внесува нешто, дури и вода. Затоа и ѝ пречат шегите на интернет со фотографии од дебели девојки и коментари што асоцираат на одобрување анорексија, од типот „Фино би било човек да заборави да јаде некој ден.“

На ова, таа само коментира со податокот дека анорексија нервоса има поголема стапка на смртност од коронавирус.

30 милиони Американци се борат со некаков тип нарушување во исхраната. Анкетите покажуваат дека кога се под булинг, и двата пола се подложни на виктимизација врз основа на тежина со прејадување, нејадење, злоупотреба на супстанци, депресија и послабо учество во секојдневни активности. Поради ова, Кафаро предлага следниот пат кога ќе објавите слика од дебел човек и ќе алудирате на тоа дека здебелување е најлошо што може да ти се случи во карантин, да ви биде јасно дека не се шегувате и не се мотивирате себеси и другите да внимавате на вашите навики во исхраната - истовремено е можно да поткопувате нечија самодоверба и целокупно здравје.

Без разлика што ова ѝ држи вода и треба да се биде внимателен кон делот од популацијата што се бори со нарушувања во исхраната, има една тенденција кај боди-позитивити активистите, а особено кај плус-сајз инфлуенсерите и моделите да мрчат кога ќе се спомне здрава исхрана и вежбање, како некој со тоа директно да им се обраќа на нив и им вика дека се дебели. Имало цели расправи каде што крупни луѓе после лекарски преглед, бесно трескаат по тастатура, за тоа во етерот да излезе во вид на твит со содржина „Докторот ми рече да ослабнам, дали е нормален?“

Иако „зошто дебелото е смешно“ си бара посебна дискусија, каде што треба да се обрне внимание од неколку социјални аспекти, би било стварно лудо да веруваме дека кога луѓето имаат еден куп работи на памет, ќе им се слуша дека „шегата дека ќе се здебелиш не ти е смешна, штетна ти е“.

„Нема сите да изгледаат како што сакате - па дури ни вие. Често најсериозните напади што сум ги добивала на тема боди-имиџ доаѓале од луѓе полни со омраза и со дијагноза - телесна дисморфија. Трагично е. Посакувам сите да го искористат ова слободно време за да стават крај на војната со нашите тела.“

Дека често се замараме и се измачуваме заради физичкиот изглед е точно. Дека нема ништо лошо во компании што рекламираат траки за трчање - уште поточно.

Интересно е што оригиналното излагање во целост, можело да биде далеку поефикасно во освестувањето на ордата народ што се фали колку чоколадо има изедено.

Но Кафаро избира да заврши со многу проблематична изјава:

„Не треба од нас да се очекува слободното време да го поминеме во чучњеви, јадење здраво и грижа околу тоа како ќе изгледаме кога конечно ќе излеземе.“

Туку, што, бре?

Сигурно нема стомачни да правиме сите и сигурно нема да јадеме брокула секој ден, ама толку ли не може секој да си брка работа по дома, без да му пречи тоа што другите си го бркаат по дома?

27 април 2020 - 16:25