Кози во плик

Кај нас по свадби главно се даваат пари. И тоа трае толку долго, што ни досетките со пеглите и миксерите не се веќе интересни. Позападно имаат уште пофина варијанта: младенците се регистрираат во одредени дуќани каде што има ствари што им требаат и ти одиш таму, гледаш што ставиле на список и бираш што ќе им купиш според буџет, со што тие ќе избегнат 4 исти сервиси за кафе, на пример. Понекогаш ќе прашаш, „што ви треба”. Само, што се прави кога зетот и невестата на тоа ќе одговорат: „Па, 1000 кози.”?

Наместо поклони за свадба, Кетрин и Едвин Дин побарале донации за да купат 1000 кози кои би им помогнале на села во развој во Африка. Откако волонтирале во Малави, се инсприрале да продолжат да помагаат и влегле во програмата Village Partnership, на Children of the Nations.

Програмата работи со 25 села кои заедно имаат 19.000 луѓе. Една коза, која чини околу 50 долари, значително може да го подобри квалитетот на живот на едно семејство.

Портпаролот на добротворната организација за WFTX вели:

„Еден пристап кој го имаме во борбата со недостатокот на храна е да им обезбедиме на семејствата кози како извор на приход. Една коза му помага на фармерот за добра жетва затоа што го користи изметот како ѓубриво. Ги охрабруваме и да ги размножуваат своите кози и да продаваат јариња на локалните пазари како уште еден извор на приход.”

„Мислам дека луѓето беа трогнати што баравме донации наместо поклони,” вели невестата, а младоженецот се надоврзува: „Некои луѓе купија по 5 и по 10. Имавме една група што донираше 100 кози.”

Се запознале во Флорида и заедничка им е љубовта за авантури и желбата да им помагаат на другите. До сега собрале пари за 670 кози, но сè уште се надеваат на 1000.

Ако ви се донира коза, тука.

10 јули 2018 - 13:12