Кога ти сакаш деца, а партнерот не

Да се дискутира желбата (или немањето желба) за деца додека врската е уште тазе може да е непријатно и прерано, но знае да стане уште поделикатно понатаму. Без разлика дали активно размислувате за овие одлуки, една приказна објавена уште пред две години нуди по некоја алатка за справување.

Триесет-и-тригодишната Олив и нејзиниот дечко биле заедно две години пред сериозно да почнат да разговараат за деца. Имало по некое случајно спомнување: шегување за преселба во стан со уште една соба; нејасни коментари што покажувале дека еден ден би сакал да стане татко. Сè додека на Олив не ѝ дијагностицираат полицистични јајници (најчестата причина за неплодност кај жените), што ја тера да сфати колку всушност сака деца. После операцијата, по која станува уште поголем предизвик да се роди - решава да ја начне темата. Дознава дека тој не сака деца. Таа знае дека сака. Остануваат заедно затоа што се среќни и вљубени, но таа станува анксиозна и немирна. „Си наоѓав изговори, наместо да бидам возрасна и да работам на она што вистински го сакам.”

После неколку месеци шуткање ни ваму ни таму, дилеми дали да остане на своето, или да го промени мислењето, Олив одлучува дека повеќе сака да биде мајка отколку да биде во врска. Разочарана но сепак уверена, го спомнува тоа за последен пат. Тој е одлучен и раскинуваат.

Раскажува дека и е тешко. Го сака, но се движат во различни правци.

Не се работи за ултиматум и не сум луда - морав да си го поставам прашањето - што е поважно, врската со овој човек или да имам семејство?

И за вакви работи има експерти.

Моника Парик, учителка по врски (баш така) и основач на School of Love NYC (бидејќи во Њујорк и тоа треба да има) тврди дека вакви разговори треба да се водат во т.н. фаза на преговори во една врска. Оваа фаза е во првите девет месеци, после три месеци хемиска привлечност, па три месеци „согледување карактерни недостатоци”. Тука треба да се знае веќе „дали ова ќе биде долгорочно партнерство.”

Според Парик, ако едниот партнер дава отпор, треба да се открие зошто. Кариера? Ќе му сметаат деца? Се секира дека на него ќе падне целата одговорност? Дали постои начин да се најде компромис во овие области? Или се работи за фундаментални разлики? Дали човекот едноставно не сака да има деца?

Идејата за „договарање понатаму” е опасна, затоа што постојат многу варијабли што го прават бракот успешен и големи прашања (како финансии, поделба на труд и сексуални очекувања) треба да се договараат порано и појасно. Одложување на ваквите разговори за да се избегнуваат расправии предизвикува проблеми подоцна.

Назад на Олив од погоре, со крај на приказната што не треба да ве натера да спиете на тоа уво:

Бившиот ѝ се јавил и рекол дека размислувал после разделбата и дека можеби би размислил да биде татко, затоа што сакал да се смират.

„Изгледа размислувал,” вели таа. ”Сè уште не знам што да мислам за тоа, затоа што беше многу упорен и немаше многу време да се промени. Само две недели поминаа. Не би сакала да бидам со некој што носи одлуки само за да не ме изгуби. Сакам да знам дека ова е вистинска, долгорочна промена.

Но, се чувствувам подобро во врска со правецот во кој се движам. Помалку сум анксиозна. Нема џиновска дупка на очај што ме чека зад аголот. Сега одењето на венчавки и повојници ми е многу полесно.”

Секогаш, ама секогаш бирајте разговор.

1 октомври 2019 - 00:00