Ќе погодите ли од прва зошто е веќе распродаден блејзеров?

Ајде, ајде, ќе ви текне.

Се разбира.

Ако не погодивте од прва, тогаш сте назад со материјалот, затоа што еднаш веќе учевме дека ако те облече Меган Маркл - на коњ си, а и другите членови на кралското семејство не се за фрлање - ви текнува на „Шарлот ефект”?

Заедно со Принцот Хари, Маркл се појави во Дабо, Нов Јужен Велс во средата, во еден фин ансамбл од тесни фармерки на Outland Denim, класична блуза на копчиња, чизми до глуждови и - блејзер (сако, ако сакате) од модната колекција на Серена Вилијамс, која патем, ѝ е другарка, и баш е фино да имаш за другарка некоја за која што медиумите најепски досаѓаат, за да облече нешто твое, па ти да додадеш уште некој милион на останатите милиони. За кафе.

Баш ова што го носи Маркл е 145 долари и толку од него, за сега, додека не донесат нови залихи.

Сепак, новинарите безобразно алудираат на тоа дека се работи за против-услуга: Вилијамс ја промовираше книгата што војвотката ја склопи во слободно време со наслов Together: Our Community Cookbook.

А, без разлика на новинарските претпоставки (а тоа британските новинари се језиви, нека ви текне на животот на принцезата Дајана), Маркл и Вилијамс се дружат долго пред принцот да влезе во приказната.

Така што се разбира дека еднава ќе готви со книгата, а другата ќе го носи сакото.

18 октомври 2018 - 02:20