Нема многу градови што ќе го почувствуваат културолошкиот импакт на пандемијата како Кан - досега, црвените килими требаше да бидат на чистење, хотелите ќе складираа шампањ, а жените ќе пакуваа штикли (неколку жени беа одбиени за влез затоа што носеа балетанки во 2015).
Сепак, и покрај обидите за одложување и справување со ситуацијата, Кан нема да се случи оваа година. Есенските фестивали како оние во Венеција и Торонто исто се под прашалник, и како и на повеќе полиња, пандемијата ги разоткри стаклените нозе на филмските фестивали и го отвори прашањето колку всушност ни се потребни.
Еве, минатата година, премиери во Кан имаа „Паразит“ и „Си беше еднаш во Холивуд“, меѓу сите други што добија неверојатно медиумско внимание. Кан го сортира доброто и просечното, го издвојува талентот и практично ја реди агендата за годината што следи - како едно џиновско дрво во шумата што го поддржува глобалниот екосистем на филмот.
Покрај комерцијалната функција, Кан ја симболизира идејата за вредностите на филмот, како една зрела и легитимна уметничка форма, како опера или балет, што се конзумира на престижни собири во формална облека - дури и филмот да е „Кунг Фу Панда“ (да, таму имаше премиера во 2008). Поради оваа филозофија, директорот на фестивалот Тиери Фремо исклучуваше наслови на Нетфликс и Амазон во 2018, затоа што не можеа да се прикажат на големо платно. Се откажа и од идејата да го води фестивалот виртуелно оваа година. „Неговата душа, историја и ефикасност, тоа е модел што не би можел да функционира,“ изјавува за Варајети.
Без разлика што коментарот доаѓа од неговата страст за кинематографија, во одлуката се наѕира страв - дека ако виртуелниот Кан излезе успешен, луѓето ќе се запрашаат дали навистина ни треба физички. Ако филмот е она што е важно, зошто би ни бил потребен тој циркус од црвени килими и приватни јахти каде што и онака не сте поканети?
Сепак, не е дека им останува избор. Подоцна месецов, Кан учествува во We Are One: нов, бесплатен стриминг-филмски фестивал со програми од големите како Берлин, Венеција, Санденс и Торонто. Не само што Кан влегува во група со неговите ривали, настанот ќе го води - quelle horreur! - Јутјуб.
Фестивалите се, се разбира, од витална важност и мораат да се вратат, но сепак, во моментов постои шанса одново да се проценат како приоритет.