Ако прашаш фризер како да изгледа косата здраво, сигурно ќе спомне редовно шишање. Ова е затоа што претераното паѓање не е единствена причина за ретчење на косата - кршењето што се случува на средина на влакното се решава само со кратење.
До одреден степен, кршењето е неизбежно, но постојат чекори да се намали, ако ги адаптираме навиките што ги имаме со косата. Најчесто проблемот лежи во многу цврство врзување со ластици и агресивно сушење со пешкир, но сепак, како топ три причини експертите ги наведуваат претерувањето со третмани со боја, честото користење на жешки алатки за обликување и - претерување со миење.
Од бојата доаѓаат хемикалии, очекувано, особено ако бланшираме и користиме преевтини фарби. Фигарата и пеглите (се надеваме дека не користите сè уште пегла за алишта) знаат да имаат превисока температура и ја горат косата, а секојдневното миење ја осиромашува од влага и природни масла, па е поподложна на кршење.
Спасот, ако одиме до крајност, лежи во прекинување со сè горенаведено. Но, бидејќи постојат луѓе што нема шанси да се откажат од фарбање и фенирање, има уредно решение - умереност и уште некои чекори.
На пример, хидрирање на косата како превенција од сушење е супер, значи може во рутината да се додаде регенератор што не се измива. Плус, вреди да се спомне дека косата е најнежна кога е мокра, па уште еден начин е да не си легнуваме со мокра коса, особено ако навлаката за перница е памучна. Идеално би било да се префрлиме на свилена навлака, што го намалува триењето, па со тоа и кршењето на влакното.
И нели, по којзнае кој пат - без агресивно чешлање на мокро.