Како да го уништиш феминизмот со еден твит

Или, како од движење за еднаквост, солидарност и вистинска социјална правда да направиш квазиидеологија што, освен што прави штета на каузата и ги враќа жените наназад, покажува колку уствари врска немаш од животот.

Емили Линдин

Емили Линдин се бави со пишување и документарни филмови. Како една жена на 21-виот век, работи, функционира, има платформа на социјални мрежи, има и Твитер профил.

И е штеточина. Затоа што со еден, во најмала рака, идиотски твит, пред две вечери закова уште една шајка на ковчегот на феминизмот.

„Еве ви едно непопуларно мислење: Воопшто не ми е гајле за невините мажи што губат работа поради лажни обвинувања за сексуален напад.”

Не е до толку страшно што она е заулавена од чувство на моќ. Пострашна е бројката на ретвити и лајкови, која може и да е зголемена откако е објавен твитот. Затоа што, за жал безумната Емили Линдин го твитнала тоа што милиони жени го мислат.

Лажните обвинувања за силување стануваат многу сериозен проблем за време на оваа ера означена со девизата „послушај и верувај”, поради трајната стигматизација и уништување на лажно обвинетите, плус општиот недостаток на реперкусии против лажните обвинувачи. Сега жртвите имаат право да се предомислат за „согласноста” многу време после настанот, и да уништуваат луѓе кои немаат направено ништо лошо – за на крај да отшетаат без никаква штета кога лагите ќе им ги разоткријат. Но, според Емили Линдин, сето ова е совршено прифатливо во борбата за растурањето на патријархатот.

„Извинете. Ако треба да страдаат репутациите на неколку невини мажи во процесот на рушење на патријархатот, тогаш спремна сум да ја платам таа цена.”

Спремна сум да ја платам таа цена.

Како што ќе ѝ каже еден човек (машко, за жал, во случајов, што значи дека не му се дава многу кредибилитет), Линдин заборава дека цената што е за плаќање, не ја плаќа таа, туку баш тие невини мажи и нивната репутација. Дали таа реагира на тоа? Не.

Кога нонстоп се јавуваат ликови како Линдин, како општество мораме да се помириме со фактот дека феминизмот веќе фаќа еден правец што престанува да има врска со еднаквост. Односно не, феминизмот како филозофија засекогаш ќе биде за еднаквост. Травестијата во која што го претвораат е тоа што треба да се искорени, а за жал како да зема сè поголем замав. Затоа што, нели е пораз, од една корисна идеологија која што ги довела жените до моќните позиции кои денес без проблем можат да ги имаат, да се претвори во голо грабање моќ со вклучено малтретирање, јавно брукање, потпирање на општествена вина и слични безобразлуци за да се постигне некоја цел? Така сигурно не почнало, но за жал, многу брзо се движи во тој правец. Би било едно, ако феминистките ја прифатат одговорноста што доаѓа со вистинската еднаквост. Феминизмот не би забегал таму каде што забегува денес, но некои од жените што денес гордо се нарекуваат феминистки ги прифатија уздите на моќта, а тврдоглаво ја отфрлија целата одговорност што доаѓа со таа моќ и правичното и фер користење на истата.

„Луѓето упорно зборуваат за невини мажи што губат работа. Штом се случува ова, не се криви жртвите што излегуваат јавно. Криви се децении неуспех на институциите да ги решат системските проблеми и да креираат работна култура базирана на достоинство и право на жените да работат немалтретирани.”

И после се чудиме зошто само 18% од Американките се декларираат како феминистки. Работата е што, огромен број на збунети жени се фаќаат за една недоквакана верзија на феминизмот (каде што феминизмот престанува да биде феминизам) и едноставно немаат интерес за вистинска правда или еднаквост, туку само го користат како шаховски потег со цел да добијат една општествена предност. Ова само прави движењето да изгуби огромен дел од поддршката и покрај тоа што е можно – и полека да умира, само затоа што ликови ко Емили Линдин се глупи, или оваа „Сè уште премногу женска” погоре, што заклучила дека криво е општеството што некој решил да лаже дека е силуван.

Она што квазифеминистките мораат да го сфатат е дека, ако не ги сфатат лажните обвинувања сериозно и не почнат да се справуваат со нив како што треба, тогаш останатите ќе престанат да ги сфаќаат вистинските обвинувања сериозно. Замислете која промашена тема е тоа, која протратена кауза, да им го одземеш кредибилитетот на вистинските жртви, а на жените, истите припаднички на твојот пол што, божем го браниш и застапуваш, да им го уништиш гласот што им требало години и години да го добијат?

24 ноември 2017 - 11:49