Неверојатно на денот:

Како (бре) успеа „Педесет нијанси сиво“?

Вистината е како шило (за мраз, од „Основен инстинкт).

Знаеме што е Педесет нијанси сиво, знаеме и што милиони направи од продажба на книги и карти за кино, ама дали знаеме зошто тие неверојатни милиони?

Успешната приказна на еден од најпродаваните романи на сите времиња (ах.) лежи во еден друг од најпродаваните романи на сите времиња.

Да не е Сонцето повторно се раѓа?

Да не е случајно можеби Големиот Гетсби?

Нешто од Хоторн, ваљда?

Ма, Твајлајт. Самрак сагата, по нашки. Како?

Fan fiction: приказни напишани од обожавател на одредена, веќе постоечка приказна, со истите ликови и карактеристики.

Значи, вака. Откако ја прочитала серијата Самрак, тогаш уште непознатата Е.Л. Џејмс (жената зад Педесет нијанси, бај д веј) почнала да објавува нејзин еротски агол на романите на сајтот Fanfiction.net.

„Си седев на каучот и ги читав одново и одново,“ изјави Џејмс за ЕјБиСи во 2012, зборувајќи за Самрак. „Ме инспирираше Стефани Мајер (авторката на Самрак)... едноставно ми вклучи нешто во мозокот.“ Кратко потоа, Џејмс вели дека седнала и решила да напише сопствена книга.

„Нејзината приказна е една од десетици илјадници, може и стотици илјадници приказни пишувани од огромната женска заедница инспирирана од Самрак,“ вели Ен Џејмисон, автор на Fic: Why Fanfiction is Taking Over the World.

Многу читатели ги сметале приказните на Џејмс за „премногу провокативни“ за форумот, поради што била приморана да ги тргне од сајтот. Така решила дека, и онака отсекогаш сакала да пишува (зашо на ваквите никој не им кажуе дека не треба?!) и дека и онака има еден куп текстови колку за цела книга таму, па одлучила да ги преправи делумно и да ги создаде ликовите Кристијан и Ана.

Двајцата протагонисти на Педесет нијанси сиво, Кристијан и Ана се всушност светкавиот вампир Едвар Кален и девојка му Бела од Самрак. Каде лежи напалениот и расплоден и во кожно облечен зајак овде?

Во тоа дека фановите на Самрак немаа прилика да видат премногу секс, па жедно скокаа од мрачна страна на интернет во помрачна, не би ли нашле некоја сочна приказна, макар и неоригинална, колку да ги задоволат своите потреби, често еднакви на потреба од визуелна порнографија кај тинејџер.

А, Е.Л. Џејмс им го дава точно тоа што го замислиле. Откако имаш еден тон следачи што едвај чекаат да ги акнеш со по уште некој камшик во вид на еротска сцена, лесно е, и покрај тоа што си сам свој издавач, за кратко време да отидеш на врвот на литературата (не во однос на квалитет), каде што гордо се исправени Библијата и Хари Потер, меѓу другите.

Книгата за жал е секако глупа. Ама па, таа изјава може да биде и нефер. Никогаш не сме дискутирале дали е порното глупо, нели?

31 мај 2017 - 15:27