Изложба на рани цртежи на Ив Сен Лоран во Париз

Се поставува изложба со наслов „Ив Сен Лоран, рани цртежи” во Париз, со некои од најраните дела на Сен Лоран направени на хартија. Креациите ќе бидат изложени во реставриран бутик за висока мода отворен лани на поранешната локација на модната куќа.

Ив Сен Лоран е родан во Оран, алжирски град кој во тоа време бил под француска власт. Самиот го памети градот како „космополитско место, составено од трговци од секаде… град кој светка како разнобојна прекривка од различни парчиња ткаенина под мирното северноафриканско сонце.” Дома му било убаво. Фотографии од неговото детство го прикажуваат со мајка му, облечена во шик костуми и фустани од1940-ти, која најверојатно му влијаела многу за неговата пролетна колекција во 1971-ва, кога реши да ја враќа модата од ’40-ти. Таа ревија направила скандал во модниот свет - уште луѓето живо ја памтеле германската окупација на Париз, а облеката, таква скандалозна успеала уште 15 години да доминира со сцената.

Мајка му малце личи на Скарлет Јохансон.

Алжир доаѓа пред еруптирање на војна за независност, но ова е само дел од бледите сеќавања на Сен Лоран, кој како тинејџер има други проблеми - не ужива баш во школо, со оглед на тоа што другите деца го задеваат и го малтретираат и утеха бара во дизајн и илустрации на книги (и една многу безобразна сликовница Мадам Бовари) и замислени театарски продукции.

Во исто време, инспириран од модните списанија на мајка му (а многумина ја паметат модерната Лусијен Сен Лоран на ревиите на нејзиниот син, дури и во нејзините доцни 90-ти), дизајнира детални кукли од хартија облечени во дневни и вечерни комбинации, сосе додатоци. И сам си сценирал ревии со овие кукли, на задоволство на неговите пријатели и постарите сестри Мишел и Брижит, комплет со исто така детални покани со замислени благородни титули за поканетите.

Во 1953-та, цртежите на Сен Лоран одат кај Мајкл де Брунхоф, главен уредник на францускиот Вог, кој бил доволно импресиониран да посака да му ги покаже на Кристијан Диор. Во ’55-та, Диор го најмува необично талентираниот дечко како асистент, и Сен Лоран наскоро станува омилен ученик на мајсторот, со сè повеќе и повеќе задачи и одговорности. До ’57-ма, Диор се доверува на колега дека од 180 дизајни во последната колекција, Сен Лоран е сам одговорен за 34. Кога Диор умира неочекувано истата година од срцев удар, Сен Лоран има 21 година, а го назначуваат за креативен директор на куќата.

Ако ве носи патот накај Париз, изложбата завршува на 9-ти септември, а некои примери има на сајтот на музејот. Делата ќе бидат надополнети и со инсталација од облека на Сен Лоран креирана под влијание на историја на костимите - од драперии на грчка божица, до ренесансен плиш, па фустани од 19-ти век, флапери украсени со бисери и некои примери од таа скандалозната ревија инспирирана од ’40-ти.

Целата изложба го разоткрива Сен Лоран како лик растргнат меѓу моден дизајн и театарска костимографија, кој конечно успева да ги спои двете дисциплини, носејќи театар во мода, и висок стил до сцена и филмско платно.

13 јуни 2018 - 11:25