Инвалидската количка од „A Christmas Prince” е проблематична

Принцезата Емили од Нетфликс филмот A Christmas Prince не е обична принцеза - случајно е во количка, ама храбра е, глуми во претстави, се пушта по тобогани и се закача со владини работи на фиктивната земја Алдовија. Како лик е супер, филмот како филм е лимонада, ама доволно забележлив да му се закачат за еден детал.

Иако многумина го фалат Нетфликс што успешно прикажува јак главен лик што живее со инвалидитет, една жена се кара дека скроз ја имаат промашено поентата со еден круцијален елемент: количката.

Марија Таун, директор на канцеларијата на градоначалникот на Хјустон за луѓе со инвалидитет, изразува незадоволство дека на филм, луѓето со телесна попреченост обавезно се претставени во комбинација со некој што им ја бутка количката. Ова малце не е точно, плус најверојатно се должи на тоа дека принцезата е принцеза, па како што мајка ѝ не си готви сама, така и таа има човек за буткање количка, но Таун вели вака:

„Да бев девојче, гледајќи го филмот и гледајќи ја количката на принцезата Емили, немаше да сакам количка. Не би сакала некој да мора да ме вози по цел ден.”

„Еј, Нетфликс, зошто принцезата Емили има ужасна болничка количка што не може сама да ја турка? Како лик, имате тврдоглаво девојче со инвалидитет. Прави проблеми, глуми во претстави, се пушта по тобогани, ама не може да ја бутка количката сама? Не зезајте.”

Само што, тие што го гледале филмот веројатно ќе се сложат дека Холивуд не е дојден до таму да претстави лик со инвалидитет без тоа да биде негова главна карактеристика, па така, доколку принцезата би била скроз самостојна, би требало воопшто да не се обрне внимание на тоа што е во количка, а кога Холивуд не сака да обрнува внимание, создава лик што едноставно - не е инвалид. Приказната околу овој лик е дека девојчето е непријатно, разочарано и луто затоа што често ја третираат како инвалид и на тоа се заснова односот што го гради со другиот женски главен лик.

Ама, живееме во свет на една површност.

Нетфликс уште нема одговорено. Таун додава: „Треба да прикажат ликови што користат алатки што навистина им даваат моќ и им дозволуваат да просперираат.” И коментира дека ако можеле толку пари да изнадаваат за лажен снег, можеле и за една количка на струја да потрошат.

„Холивуд има уште за учење во однос на претставувањето на млади луѓе со инвалидитет. Количката не е за срамење, туку за славење, како алатка што ти дава слобода да се движиш низ светот околу тебе.”

Реално овој проблем е многу боље проблем од тоа да почнуваш од нула да објаснуваш по кампањи дека и инвалидите се нормални луѓе, плус да се бориш со црепови што паркираат на места за инвалиди и пред рампи. Но, добро.

26 декември 2018 - 12:21