Природата на ботоксот може да му е и најдобра и најлоша страна. Сите сакаат да потрае - додека не им се смачи. Додека не им се случи беља додека се обидуваат да плукнат освежувач за уста или не можат да ја фатат цевката додека пијат нешто. Додека грешно ставена игла не им ја расипе насмевката или не им направи Спок-веѓа. Во такви моменти, повратноста на ботоксот е добредојдена.
Истото важи и за филерите - после некое време, некои од клиентите се среќни што „им паднале“.
Е сега, операциите се она што дава (релативно) траен резултат. За секоја козметичка процедура, едно од најпребаруваните прашања е Колку трае?, а го надминува по честост само прашањето Колку чини?.
Бидејќи трајноста е поголема, цената е повисока и ризикот е поголем. Точно е дека операциите се прават со искрена намера и со верба дека исходот ќе го цениме со децении, но неретко се случува луѓето да зажалат што отишле под нож, дури и кога процедурата е технички успешна.
Со она што хирурзите го нарекуваат реверсал, посакуваниот резултат е постигнат, но пациентот повеќе не го сака тој резултат. И сè повеќе има вакви пациенти, како што се менуваат културолошките трендови и личниот вкус.
„Во повеќето случаи, се бара поништување затоа што претходно третираната област е сега преголема,“ вели Д-р Ешли Гордон од Тексас. „Имплантите се преголеми, задникот е преголем, усните и образите не одговараат со остатокот од лицето.“
Можеби она што изгледало секси на нечија 27-годишна возраст, станува несофистицирано на 42. Или операцијата инспирирана од некоја славна личност едноставно не изгледа исто во реалниот живот. Или, личните естетски преференци едноставно се смениле.
Како и да е, се прават грешки и да - повеќето можат да се поништат, барем до некаде, на различни начини. Целта е да се изгледа природно и да личиш на животниот стадиум во кој се наоѓаш, а важно е и да се забележи дека предомислувањето е ретко едноставно или лесно. Козметичките интервенции - и хируршки и неинвазивни - речиси секогаш остануваат трага и засекогаш ја менуваат анатомијата.