Гледајте „Wednesday“ на Нетфликс

Од навика и непребол за старите ликови и глумци, може ќе ви треба време да се навикнете. Ама па среќа, епизодите се долги и го дозволуваат тоа, а и пристапот е скроз свеж.

Прво, ако некој можеше достојно да ја оствари Среда Адамс, тогаш е тоа Џена Ортега, само затоа што Обри Плаза веќе не проаѓа за тинејџерка. Ортега го има прибрано ликот, преџвакано и направено толку свој, што просто веќе не ти ни пречи дека Кристина Ричи порасна и веќе не може да ја репризира. Има изјавено и дека не сакала никако да ја имитира нејзината изведба, па се потрудила да ја одигра по свое. И успешно е.

Мортиша и Гомез Адамс се појавуваат ретко, ама ги има во првата епизода. За нив треба време - далеку се од Анџелика Хјустон и Раул Хулија, ама па се верни на оригиналот, години пред првите долгометражни филмови. Хемија - нула, Луис Гузман како да се мачи со оглед на тоа што веројатно прв пат глуми лик што треба да е романтичен или заводлив - Џон Астин, од серијата во ‘60-те, го тераше повеќе на комедија, па подобро се снаоѓаше. Заводливо стана кога го фати атрактивен човек како Хулија, и од тоа требаше да се чуваат кога веќе се враќаа на корените. Сепак, со тек на време ги навикнуваш. Симпатични се.

Новото во пристапот е што веќе не е толку цртанско и камп, туку е трилер/мистерија, украсена со мрачниот карактер на Среда, и коментарите што некогаш можат и да се очекуваат уште пред да ги каже. Нели, „Како да ме мавнал електричен шок, ама без финото чувство отпосле“, или „Никој не смее да го мачи брат ми освен мене.“ Среда ја бркаат од школо затоа што, природно, на соученици што го малтретираат Пагсли им пушта пирани во базен и ја запишуваат во интернатот „Невермор“ каде што учеле мајка ѝ и татко ѝ. За разлика од малата Среда на Кристина Ричи која беше на иста страна со нејзините, овде е тинејџерка, со сите елементи на „вие не ме разбирате“ и „никогаш нема да бидам како вас“.

Во околината, пригодно, непознато чудовиште убива луѓе. Освежување е што не се воздржувале да прикажат и гадности. Сепак е серија за Среда.

Бидејќи е серија од 2022, направена е како за 2022 - ама сите woke моменти се многу ненаметливо проткаени во приказната.

Тешко е да земеш нешто што толку години е култно, да направиш ново - и да го бива. Фанови, не одлагајте, ќе вреди.

2 декември 2022 - 11:42