Да се потсетиме дека се работи за шест луѓе, кои во последниве 17 години се соочиле со сѐ што животот може да понуди - да, имаат по неколку десетици милиони на сметка повеќе од луѓето што ги обожаваат, но имаат и разводи, зависности, стареење под присмотра и притисок, успеси и неуспеси што ги направиле тоа што се денес. Спојувањето се разбира му е драга глетка на секој што веќе знае напамет цели сцени, ако не и цели епизоди, но не може човек, а да не забележи дека беше антиклимактично, а и камо да беше само тоа - како да лебдеше еден траор во воздухот околу нив.
Чувството (ризикувајќи да претерам) беше како да изгубиле еден член, без разлика што сите беа на сцена, па шоуто беше оптоварено со некаква неминовна тага поради тоа. Дури и погребот на Греам Чепмен, каде што се собра една друга култна група беше поведар.
Идат спојлери, така што, продолжете на ваш ризик.
Имаше светли моменти, имаше ВТФ моменти и имаше оправдана трогателност. Интернетот веќе сече вени по признанието дека Дејвид Швимер и Џенифер Анистон си биле симпатии и никако не можеле да направат нешто по тој повод затоа што времето секогаш било погрешно - или едниот или другиот бил во врска.
Занимливо беше и да се видат создавачите на серијата, оние Брајт/Кофман/Крејн - лицата зад буквите во првите и последните кадри од секоја епизода, кои заслужија да раскажат каков бил креативниот процес и кастингот, иако повеќето работи што ги кажаа веќе ги имаме сто пати прочитано во разни списанија кои оправдано беа опседнати со екипата и копаа по најневеројатните детали и занимливости околу нивните животи и снимањето.
Добивме и гушкања и проплакувања на самиот сет, прв пат после 17 години, читачки проби каде што се виде дека ликовите сѐ уште лежат во нив, само треба некој да пробуричка, дури и квизот каде што Моника и Рејчел го изгубија станот го реанимираа. На „пополнување време“ почна да личи кога почнаа да пуштаат блупери, исти такви какви што со години гледаме на Јутјуб, или на екстра материјалот на ДВД. Што значи, тоа не беше ново. Имаше евоцирање спомени од опуштен Мет Лебланк, кој личеше како да си останал да живее на сетот 17 години, па како домаќин ги пречека останатите колеги и се трудеше да им биде удобно. А како да беше често потребно, особено кога во кадар или со изјава влегуваше Метју Пери. Најразмазено сме навикнати од него да очекуваме најостар јазик и најбистар ум, а човекот (што долго се бореше со алкохол и опијати) како да ја изгубил смислата за хумор и како да беше сенка на самиот себе, што можеби беше и најтажно во целата епизода. Никој не кажа доволно, сите дофрлаа, немаше суштински разговор, ама кога се работеше за Метју Пери, сите овие чудни детали како да влегуваа под лупа.
За гостите, Стјуарт Херитиџ во Гардијан има совршено сумирано:
„Многу муабет има тука и главно за лошо. Знаевте дека Кит Харингтон се гледа себеси како Моника? Знаевте дека Дејвид Бекам исто така се гледа како Моника? Знаете дека актерот што го играше Г-н Хеклс требаше да се појави, но не без да дознае дека целата примарна екипа не му го ни памти името на ликот? Сакавте да го видите Елиот Гулд - аман, Елиот Гулд! - сведен на едно обично столче во публика? Сакавте да го видите Гантер на Зум, со Централ Перк-капа како не кажува ништо интересно? Сакавте да видите неколку претставници на јавноста да претераат со тоа колку им влијаела серијата? Или Малала како ја опишуваат како ‘100% Џои, со малку Фиби’? Се разбира дека не сте сакале, ама еве ви, гледајте. И на крај, дали чекавте 90 минути да се појави Пол Рад, за да сфатите дека нема да се појави, па да се прашувате што ли се случило меѓу него и екипата? Да. Сте чекале. Нема врска.“
Да, факт е дека појавите на неколкуте редовни ликови од серијата беа некако недоволни. Беше прекрасно да се видат Ричард и Џенис, дури и изненадување дека на Џенис, односно Меги Вилер, гласот ѝ е крајно пријатен, па сфаќаш дека е феноменална актерка. Ама сѐ беше некако на трчање. Како концепт за документарна серија, што би требало да трае 5-10 епизоди, за да се покрие целиот феномен на Friends.
Патем, имаше и модна ревија, исто така на трчање, каде што се појавија неколку костими, меѓу кои и врвното Празнично армадило, и „Спудник“- компирот на Рос кој го прошета - Џастин Бибер. Зошто? Не се знае.
Не беше непријатно искуство гледањето - ама антиклимактично беше. На крајот, може да се заклучи дека овој емитуван рејунион не беше толку за публиката - беше за нив самите, една рекапитулација на сѐ што оставиле зад себе заради таа серија. И тоа е сосема во ред.
-Јана, Off Café