Фативте „Working Moms” на Нетфликс?

Многу е добро. Дури и ако не си воркинг мам.

Во обид да гледам нешто едноставно, а притоа да ги исполнува условите на „нешто што се гледа додека јадеш”, а да не е Френдс, скролав по Нетфликс и налетав на Working Moms. Во привју, финтите ми се видоа забавни, а дијалозите умни и брзи, па пуштив.

Не беше толку едноставно.

Од првата секунда си бомбардиран од сурова сатира на бивањето нова, млада мајка, а неколку секунди покасно се прави и јасна дистинкција меѓу нормалното и ненормалното однесување на мајките што нè опкружуваат, со таа разлика што заклучоците ги носат мајки, за кои непишано правило е дека смеат да прават опсервации на нивната општа категорија. Во 20 минути, колку што од прилика трае една епизода, се соочуваш со фрустрациите што мора да ги преживува една жена, која патем, решила да роди, а тоа се истовремено фрустрации од кои е опериран нејзиниот партнер, или машките колеги.

И да имаш, и да немаш родено, се фаќаш како сочувствуваш со ликови кои до вчера биле за восхит, а сега, со новиот момент, општеството ги тера да се сведат на една димензија (некои сакаат, некои не, и замислете - и тоа е нормално!), затоа што - мајки се.

Хуморот е врвно интелигентен, а горчлив. Притоа, ти како гледач се освестуваш, по којзнае кој пат дека, колку што жените можат да си бидат волк една на друга, ни мажите не можат да постигнат да ги нервираат со своите несвесни постапки.

При крајот на првата епизода (и првата порција) помислив, „Супер, може не е за бинџ, ама фина е, до следниот оброк,” и тогаш се случи баш крајот на таа прва епизода. Една безвременска ситуација, еден суштински приказ на мајчинство што, да се изразам најизлитено што може - „не може да те остави рамнодушен.”

Од тие причини, некој ден покасно пуштив и втора епизода, која почнува со еден апсурден, бизарен разговор.

Една мајка, зрачејќи со грижа на совест, се исповеда дека го искористила the C-word со бебето. После колективен хорор, една од нормалните мајки, за кои што навиваме, вика „cunt? Дека бебињата знаат да бидат досадни.”

После уште еден благ колективен хорор, зборот што почнува на Ц, а кои не се осмелуваат да го кажат цел пред нивните 6-месечни бебиња, излегува дека е - Can't.

Се спомнува и дека некои мајки не го користат ни N-word, со нивните деца. По што следи објаснување дека N-word, уште еден збор што е ужасно оштетувачки по детската психа да се каже е - No.

На прашањето, ако не смееме да викаме „не може” и „не”, како можеме да поставиме некакви граници - немаше одговор.

Проверете ја серијата, без разлика дали имате или немате пород, дали планирате или не планирате и дали сте биолошки способни да износите плод. Некои работи ќе ви бидат појасни. Некои ич, ама и тоа е составен дел од дефиницијата за апсурд.

Јана, Off Café

19 август 2019 - 14:06