Др. Џил Бајден и една кревка машкост

Вол Стрит Журнал објави мислење на еден Џозеф Епстин, кој од непознати причини се испотресе дека идната Прва дама на Америка го користела називот „Доктор“. Како да го нашла на улица, и како да нема докторат од областа на образованието.

Статијата беше објавена во петокот, и таму Џозеф Епстин на Бајден ѝ се обраќа со „kiddo“, демек, „мала“, па ѝ нуди совет за нешто што „можеби личи ситно, но сепак не е неважно.“

„Има шанси да се откажеш од тоа „Др.“ пред името?“ ќе праша дрско Епстин, до срж брукајќи ги сите претставници на неговиот пол што вообичаено почитуваат жени. „Др. Џил Бајден звучи лажно, да не кажам комично.“

„Ако имате докторат од фармација, или образование, или биологија, не е битно: нарекувајте се себеси доктор,“ вели Сара Х. Парцак, професорка по антропологија на Универзитетот Алабама во Бирмингем, чиј докторат е од областа на археологијата, а одбранет е на Кембриџ. „Сте се искршиле од работа со години за да го заработите. Викајте ако треба од кровови. Ваше право е.“

Др. Парцак и уште многу луѓе сметаат дека сугестијата дека Др. Бајден не треба да ја користи титулата е безочно сексистичка и симптоматична за тоа како мажите ги доведуваат во прашање достигнувањата на жените.

„Некои мажи се се плашат од образовани жени,“ вели Одри Трушке, професор по Јужноазиска историја на Универзитетот Рутгерс. Таа беше и меѓу многуте жени кои си го додадоа своето „Др.“ пред името на Твитер во знак на солидарност со Џил Бајден. Нејзиниот портпарол, Мајкл Лароса го нарече излагањето на Епстин „одвратен, сексистички напад“, и побара од ВСЖ да го отстрани и да се извини. Од таму одбиваат да коментираат, исто како Епстин.

Тоа што се дигна галама само покажа колку се моќни тие две букви, што налагаат достигнување, почит и авторитет. Во 19 век, многумина имале против титулата и луѓе добивале тужби што го користат називот „доктор“ на визит карти или на реклами, ако немале завршено медицина. Кога почнале и жени да завршуваат медицина кон средината на 19 век, почнале да се нарекуваат доктори, но весниците и критичарите им давале поомаловажувачка варијанта - докторка - да се знае дека се жени.

Епстин, кој има 83 години, е есеист, автор и поранешен уредник на The American Scholar, а и порано бил обвинет за неговите навредливи гледишта. Во најновото, конкретно, се фали дека 30 години предавал на Нортвестерн Универзитет во Чикаго (потоа Нортвестерн проба да се брани дека од 2003 не работи кај нив и побрзаа да кажат дека не се согласуваат со неговата мизогинија), а потоа ѝ се обрати на Бајден:

„Вашата диплома, ми се чини е „доктор по образование“, заработена на Универзитетот на Делавер, преку дисертација со неветувачки наслов: Задржување на студенти на државни колеџи: Излегување во пресрет на нивните потреби. Еден мудар човек има речено дека никој не треба себеси да се нарекува Др. освен ако не донел дете на свет. Размислете за ова Др. Џил и баталете го тоа доктор.“

Др. Бајден инаку има две магистратури и докторат и е горда на својата работа како професор во државен колеџ. Кога нејзиниот сопруг Џо Бајден ќе стане претседател на САД наредниот месец, таа ќе стане прва Прва дама што има докторат, но планира да продолжи да предава на колеџот каде што предава англиски уште од 2009.

Но, како што ќе искоментира и сопругот на идната потпретседателка, Камала Харис,

„Ова никогаш немаше да се напише за маж.“

15 декември 2020 - 00:00