Иако многумина се преправаат дека се над сето тоа, нема човек на интернет на кој не му било „влијаено“. Сите социјални мрежи, и многу сајтови се преполни со луѓе што ти кажуваат што да купиш, и зошто веднаш тоа да го направиш. Нормално, луѓе се гореа по пат - нискокалоричната храна излегуваше без вкус, облека се кинеше, играта беше тапа, итн.
Затоа на сцена влегува деинфлуенсерството - тренд на ТикТок што се шири од јануари - додека инфлуенсерите ти кажуваат зошто ти е потребен тој и тој производ, деинфлуенсерите те убедуваат во спротивното.
Немојте да ги купувате АГ-мини.
Не купувајте Дајсон фен.
Не купувајте книги од Колин Хувер.
Не ви требаат Ерподс Макс.
Не ви треба ова.
Не ви треба тоа.
Вакви работи добиваат илјадници лајкови.
„Исто како што се реагира негативно на ретуширани реклами во списанија и фотошопирање модели, луѓето се уморни,“ вели Шарлот Палермино, ЦЕО на брендот за нега на кожа Дју. Не е ни изненадена од подемот на деинфлуенсерството. „Постојано некој да ти продава е заморно. Нонстоп некој да ти кажува дека се работи за чудо од производ е заморно.“
Глобалната рецесија веќе влијае на начинот на кој огласувачите пристапуваат кон инфлуенсерските кампањи, додека публиката е сѐ почувствителна на продавање магла за време на криза. Но, деинфлуенсерството не е само резултат на економијата, туку е и одговор на начините на кои самиот ТикТок се смени.
„Пред неколку години, ТикТок беше многу автентичен бидејќи не беше сериозен,“ вели Палермино. „Брендовите истураа тешки пари кај креаторите и беше забавно место, без притисок. Сега притисокот е дојден до точка на вриење.“
А бидејќи инфлуенсерите живеат од препорачување производи бидејќи многу од нив уживаат во големи ПР пакети до врв полни со нови светкави работи, би се очекувало да се благо потресени од деинфлуенсерскиот тренд.
Не се.
Палермино има 267.000 следачи и гробишта на производи што ја чекаат во бањата. Се надева дека деинфлуенсерството ќе ги спречи луѓето да го врзуваат сопствениот идентитет со тоа што го купуваат.
Можно е и да се работи само за тренд што ќе помине за кратко, но сепак, се очекува дека дури и кога ќе му умре хаштагот, потребата за автентичност и брутална искреност ќе остане.