Како што нејзината музика стануваше сè попросечна, Мадона сè повеќе се потпираше на „одново измислување себеси“ - стана Др. Ху на попот, регенерирајќи се доволно за да ја има по вести, со оглед на тоа што вниманието од непознат свет ѝ беше единствената зависност на оваа самодисциплинирана жена. На крај, нејзиното преживување стана вести. Секогаш кога мислиме дека сè сме кажале на тема Мадона, пак има нешто ново за зборување.
Ние жените што бевме млади кога таа беше млада, ги поминавме нашите 30-ти, 40-ти и 50-ти со неа како маркер за тоа колку долго можеме да изгледаме младо. Кога моравме да признаеме дека веќе не е во најубавите години, моравме да се соочиме со тоа и во однос на себе. Многу од нас се чувствуваат млади и тешко се препознаваат во огледало. Колку е ова пострашно за Мадона која го имаше целиот свет на дланка?
Но, откако откри ТикТок, и на најпосветените обожаватели им станува потешко да цивнат „Браво!“. Уште кога се појави на мрежата пред неколку години беше чудно, сега стана и почудно. Она што некогаш беше „храбро“, сега станува веќе очаен обид да се прави „све што воле млади“, како кога позираше на Инстаграм со голи гради и дилдо во уста за да промовира луксузни секс-играчки.
После се пофали дека била прва мегаѕвезда што се соблече во јавност, во референца за нејзината книга СЕКС од 1992.
„Сега Карди Би може да пее за ВАП. Ким Кардашијан може да се шета по сите списанија со гол газ… Повелете и друг пат, кучки,“ си напиша 64-годишната Мадона на Инстаграм.
Веројатно не е најпаметно да се предизвикува 30-годишна раперка на возраст кога ти е попаметно да прилегнеш отколку да имаш секс. И се разбира, Карди Би не остана должна:
„Буквално ја славам женава толку многу пати… Овие икони навистина се претвораат во разочарувања.“
Мадона не се разочара од ова, напротив, повторно ги извади градите на Инста, овој пат сокриени со пари-емоџи. Ова било за ребрендирањето на книгата СЕКС и албумот Еротика на нивните 30-годишнини. Но во реалноста, ова е измислување, магично размислување, заблуда - најголемото и најбудалестото лудило на нашето време. Мадона замислува дека си бива Мадона и си брка работа, а во коментарите, сè повеќе фанови почнуваат да кукаат дека е потребна интервенција и дека ги боли душата за сето тоа брукање на една ѕвезда.
Сега сите повторно зборуваат за неа - и често се глупости. Тие потресени фанови на Твитер што викаат „Ова не е таа Мадона што ја знам“, што си мислеа, дека е Карен Карпентер? Јасно е дека е сè уште точно истата Мадона, што го прави истото што го правеше пред 30 години - се разголува, изразува лажни ставови и малку пренапорно се труди да се носи со најновите трендови. Единственото што е сменето е што веќе не личи на Мадона - отиде од Мерилин Монро до Мерилин Менсон - бидејќи на егзибиционизмот секогаш му се простувало ако доаѓал во комбинација со убавина (никој не се буни ако се соблече Емили Ратајковски.) Иако оваа заблуденост ја тера Мадона да верува дека сè уште може да се однесува ко 24-годишна девојка, а притоа да не ја исмеваат, не можеш да ја обвиниш што мисли дека може да ѝ помине во свет каде што жените можат да имаат пениси. Нејзините глупирања на ТикТок се индикативни за пошироко одбивање на едно поголемо малцинство луѓе и институции на западот да се соочат со вистината за себе.
За жал, во моментов, идиотизмот сè повеќе се шири. Денес детето од приказната да каже „Царот е гол“, ќе го уапсат за говор на омраза. Можеби ја исмеваме материјалната девојка што не се замара со тоа, но во оваа ера на измислување, таа е повторно во првите редови на модата.