„Спенсер“ пристигнува во кината, светот се радува, а пријателите на принцезата Дајана се крстат. Има добиено неколку портрети за филм и телевизија, но баш за овој, нејзините пријатели велат дека воопшто не би ја воодушевил.
Филмот опфаќа моменти кога Дајана решава дека бракот со принцот Чарлс не ја усреќува, а уште кога имавме само трејлер, Кристен Стјуарт не ја извадија од уста колку многу личела и колку добро ја доловила. Сега ќе имаме прилика да видиме, ама малку одзема од задоволството со оглед на тоа што никнуваат луѓе да речат, во основа, „не беше таква.“
„Секоја лоша работа ја имаат напикано во еден викенд, што е земање премногу креативна слобода,“ објаснува кралската биографка Ингрид Суард, што ја има интервјуирано Дајана и се смета дека ја познавала добро. „Не би сакала да ја запаметат како некој што бил деструктивен кон монархијата. Мене ми кажа дека монархијата е иднината на нејзините синови и дека никогаш не би се обидела да ја уништи. Би била и премногу тажна луѓето да мислат дека со Чарлс никогаш не се сакале, тоа не беше вистина. Би била ужасната од начинот на кој е претставена.“
Шминкерката Мери Гринвел за која се смета дека имала близок однос со принцезата долева уште малку масло на огнот:
„Сега ја гледаат како маченик, што мислам дека е погрешно. Правеше неверојатни нешта, но никој не ја разбра. Само сакам да кажам дека портретите што ги гледате сега не се најдобар начин да се разбере. Таа не би сакала да е на пиедестал со сета таа слава.“