Да се живее како женска кукла од латекс

Не е ова една од тие приказни за девојки што претеруваат со пластични операции, или за љубители на екстремна естетика, или во случајов, наједноставното - садо-мазо афинитети. Ова е приказна за возрасни мажи што ставаат маски од латекс, се облекуваат како секс-кукли и... и така.

Под ова се крие возрасен, хетеросексуален маж.

Тешко беше да се најдат слики од ова, а да притоа да не се материјал за кошмари. Многу е Мајкл Маерс.

Се вика Female masking, и се работи за една андерграунд сцена, која за чудо - станува сè попопуларна.

Уште поинтересно е што се работи за хетеросексуалци. А ние уште очи си вадиме по Фејсбук дали смее или не смее да се легализираат јавни куќи, затоа што ни е страв па од таа суб-култура. Што е очигледно детска градинка во споредба со бизарноста на дедовци што уживаат облечени како француска слугинка од филм. Под латекс.

Има и луѓе кои кешираат на ова. Освен што самите корисници си ги изработуваат маските, има и компании што ги прават за нив, како Фемскин, на пример, што продава маски што чинат и по 850 долари. Сопственичката, Барби Рамос, за муштериите коментира дека „воопшто не се фрикови, не се чудни, како нас се. Такви се - ванила, освен навечер или во посебни прилики. Зошто да не?”

Нели, секој со своето „навечер.” Некој Нетфликс, некој Фемскин. Сите сме ние ванила, само некои с(м)е пованила од другите.

Колку и да се трудиме да бидеме полни со разбирање, сепак цело време се провлекува едно прашање. Се провлекуваат всушност повеќе, ама еве го главното: Дали сфаќаат дека изгледаат како Глупи август и зошто не?

Второ прашање е дали сфаќаат дека неодоливо потсетуваат на Ледерфејс од „Тексашки масакр” и зошто не?

На крајот на краиштата, сè се сведува на тоа дека - штета не прават. Само да не мораш да се возиш во лифт со некој од нив после излегување.

2 октомври 2019 - 00:03