9 најголеми грешки што ги прават туристите во Лондон

Конор Кларк е роден и пораснат во Лондон и во статија за Инсајдер дели совети за да се избегнат најголемите грешки во чекори кога се посетува.

„Сум видел туристи како грешат,“ почнува тој, „од пропуштање одлични јадења, до заглавување на ескалатор. Но, со планирање однапред и стратегии, туристите можат до максимум да го искористат градот.“

Плаќаат за да видат панорамски поглед, а не сфаќаат дека го има и за беспари
Многу луѓе одат во Шард, облакодер со панорамски глетки на градот, а плаќаат над 30 евра за влез. Сличен поглед имаат во Скај Гарден - највисока јавна градина со два ресторани и два барови и најважното - бесплатен влез.

Стојат на левата страна на ескалаторите, особено во подземната железница
Ако немате намера да чекорите по ескалаторот, застанете на десната страна. На тој начин, тие што не сакаат да стојат во место, можат непречено да се движат и нема да ве пцујат.

Градот важи за врнежлив и посетителите не се спремаат за секакво време
Погрешно е да се мисли дека нонстоп врне во Лондон. Не дека е далеку од вистината, ама не е ни скроз точно. Реалноста е дека треба да се спремиш за сите четири сезони, во било кој ден од годината. Можеби не ти треба зимска јакна ако доаѓаш во јули, но ти требаат опции.

Си одат без да пробаат „неделно печење“, класично британско јадење
Посета на паб е класика, главно за опивање, ама луѓето не сфаќаат дека пабовите прават и превкусна храна. Патувањето во Лондон нема да биде комплетно ако не се нарача традиционалнот оброк од печено месо, компири, јоркширски пудинг, полнење, сос и разни зеленчуци.

Одат со метро за кратки релации низ центарот, а лесно се пешачи од едно до друго место ако си во центар
Во централен Лондон лесно се паѓа во стапицата дека ти треба јавен транспорт до секаде и може да е непотребно фрлање пари. Еве, Лестер Сквер и Ковент Гарден се оддалечени една метро станица, што значи возење пократко од минута, а не се смета качување и симнување. Пешки се 5 минути, плус врие од продавници и ствари за разгледување.

Пазарат само на Оксфорд стрит, а има еден куп интересни продавници на други места
Оксфорд стрит е една од најдобрите улици за шопинг во Лондон и истовремено има и најмногу гужва, особено за викенд. За помирно шопинг искуство, Кларк ги предлага Кингс Роуд, Челси или Мерилбон.

Трошат пари да се сместат во централен Лондон, а лесно се стига до секаде со јавен превоз
Може звучи фино да се плати луксузен хотел во срцето на градот, но не е најдобар начин да се потрошат пари. Делови како Камден, Ајлингтон и Стратфорд овозможуваат поавтентично искуство и многу повеќе вредат за парите.

Плаќаат за такси од аеродром и изнајмување коли, а има многу поевтини и побрзи опции за транспорт
За жал, карактеристичните црни такси-возила во Лондон се прескапи, но затоа има автобуси и возови кои се далеку поевтини - Хитроу Експрес, Гетвик Експрес, и линијата Елизабет.

Често ги пропуштаат бесплатните музеи и галерии
Тејт Модерн и Британскиот музеј, на пример - ова се само две имиња од огромниот број на музеи и галерии во Лондон и многу од нив се бесплатни. Не треба да се пропушти Научниот музеј и музејот Викторија и Алберт, кои се одличен начин да се помине цел ден.

7 јуни 2023 - 14:59