Отиде Жабарот, најдобриот „извор близок до Владата“

Почина Илија Саздов - Жабарот, еден од најпознатите скопски угостители. Омиленото правило на занаетот му гласеше: „Кафана по меленото месо се познава, кременадла секој знае да ти испече“’.

И имаше една од најдобрите шарски во Скопје и одлични кебапи. Во доцниот социјализам Жабарот искористи едно легално даночно олеснување кое му овозможи пивото да му е речиси поевтино и од продавница, па поради тоа таму кај него и трудни жени се тркалаа од блажена развеселеност.

Беше срдечен и искрен човек. Со децении капетански ја водеше кафаната во која, поради нејзината местоположба (на кејот на Вардар, одма позади зградата на Владата), секоја глупост што ќе ја слушнете на маса можете со чиста совест да ја пренесете со референца „дознав од извори блиски на Владата“. Јер факт изворот ви е блиску до Владата.

Путуј Жабар, и стави едно грч ладно.

25 јуни 2018 - 12:30