- Околу 27 тони марихуана биле запленети во голема полициска акција спроведена во Скопје и во струмичкиот регион, според неофицијални извори. Ова би било најголемата заплена на дрога во историјата на државата.
- Акцијата ја спроведува МВР по насоки на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по повеќемесечна истрага за организирана криминална мрежа за нелегално производство и трговија со марихуана.
- Околу 10 тони марихуана биле складирани во кругот на поранешниот индустриски комплекс ОХИС во Скопје, каде што се наоѓа седиштето на компанијата „Алфафарм ДОО Скопје“.
- Компанијата била основана во 2023 година и е регистрирана за одгледување и преработка на лековити и ароматични растенија за фармацевтска употреба. Според податоците од Централниот регистар, фирмата располага со основна главнина од околу 529.000 евра, а сопственичката структура била менувана непосредно пред откривањето на дрога во Србија.
- При акција на српската полиција пред неколку дена во магацин близу Крушевац беа откриени 5 тони марихуана, за кои српските власти тврдат дека потекнуваат од Македонија.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.