- Обединетото Кралство ќе ги зголеми трошоците за одбрана на 2,5% од БДП по 2027 година, односно на 3% од 2029 година, најави премиерот Кир Стармер пред посетата на Вашингтон. Тоа би значело дека буџетот за одбрана од сегашните 54 милијарди фунти ќе биде зголемен на над 67,4 милијарди.
- Стармер објасни дека целта на зголемувањата на трошоците е да ѝ се помогне на Европа да го засили сопствениот капацитет за одбрана по најавеното намалување на ангажманот на трансатлантскиот сојузник САД.
- За да обезбеди повеќе пари за одбрана, Британија речиси двојно ќе ги скрати средствата што досега ги издвојуваше за меѓународна помош - од 0,5 на 0,3 отсто од бруто-националниот производ. „Не сум среќен, но тоа е неопходно за да им се помогне на Украина и на Европа во новата ера“, изјави премиерот.
- Стармер ги повика и сојузниците од Европа да вложат повеќе средства во сопствената одбрана. Доналд Трамп, како лидер на доминантната земја во НАТО, побара од европските сојузници да ги зголемат трошоците за одбрана на 5% од БДП.
- Русија им понуди на САД заеднички да ги експлоатираат ретките минерали на украинска територија што е под руска окупација. „Спремни сме да привлечеме странски партнери за овие таканаречени нови територии, до нашите историски територии, кои ѝ ги вратиме на Руската Федерација“, изјави претседателот Владимир Путин. Тој додаде дека американските инвестиции се добредојдени и во Русија, на пример во топилницата за алуминиум во Краснојарск.
- Путин објасни дека Русија има „многу поголеми резерви на ретки минерали“ и воопшто не ѝ пречи САД со украински руди да ги наплатат стотиците милијарди долари што му ги даваа на Киев како воена и друга помош.
- Володимир Зеленски ја одби првата понуда од САД, со која Украина требаше да им даде на САД 50% од профитот од своите руди. Втората понуда е уште посурова - Киев да се откаже од ќарот од рудите, нафтата и гасот, плус од пристаништата и инфраструктурата, сè додека фондот за компензација не достигне 500 милијарди долари.
- И Европската Унија со задоцнување му понуди на Киев „вин-вин“ зделка за украинските критични материјали. „Поволноста на понудата од Европа е тоа што ние никогаш нема да бараме договор што не е во заедничка полза“, изјави еврокомесарот за индустриска стратегија Стефан Сежурне.