- Информацијата дека српската полиција привела тројца инженери од српската фабрика за производство на оружје и муниција „Крушик“ поради сомнежи за шпионажа во корист на компанијата „АТС груп“ од Македонија, ја врати приказната за Шевкет Демировски, сопственикот на оваа компанија и необјавената приказна за неговиот дипломатски пасош добиен од поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
- Во повеќе наврати редакцијата на МКД.мк се обидувала да добие одговор и од МНР и од Демировски како лице осомничено за шпионажа може да добие македонски дипломатски пасош. Од МНР добиле молк, а од „АТС груп“ ветување дека ќе одговорат. Некогаш.
- Демировски во Македонија е познат како сопственик на „АТС груп“, компанија која произведува муниција и воена опрема. Тој и уште тројца српски државјани во ноември беа осомничени за илегално откупување на документација (со поткуп од 30.000 евра) која се води како воена тајна, а се однесува на машини за правење на куршуми за снајпер.
- „Цела цивилизација ќе умре вечерва, за никогаш повеќе да не се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи“, порача Доналд Трамп во безумна закана за уништување на Иран.
- Тој цврсто стои до ултиматумот што му постави на Техеран до вечер во 20 часот според американско време да го деблокира Ормускиот Теснец. Ако не, ќе нареди „пеколни“ напади кои „ќе го вратат Иран во Камено доба“.
- Трамп отворено се закани дека ќе ги уништи мостовите, енергетските постројки и централите за десалинизација, што би оставило десетици милиони Иранци без струја и вода. Тоа, според сите критериуми е воено злосторство насочено против цивили.
- Трамп остави мал простор да ги откаже нападите во последен час, како и во претходниот ултиматум до Техеран пред две недели: „Сепак, сега кога имаме целосна и тотална промена на режимот, каде што преовладуваат различни, попаметни и помалку радикализирани умови, можеби може да се случи нешто револуционерно прекрасно, Кој знае?“.
- И самиот дава одговор: „Ќе дознаеме вечерва, еден од најважните моменти во долгата и сложена историја на светот. 47 години изнудување, корупција и смрт конечно ќе завршат. Бог да го благослови великиот народ на Иран!“.