Текстот во рубриката Стигнавме на дното е преземен без интервенции од порталот Вечер.
Што ќе облече македонската прва дама на погребот на кралицата Елизабета Втора, беше првата дилема што ја заскокотка јавноста, веднаш откако од кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски, беше објавена веста дека тој заедно со сопругата ќе присуствуваат на погрбната церемонија, што е закажана за понеделник на 19 септември, во Лондон.
Весникот ВЕЧЕР, ексклузивно открива дека, Елизабета Ѓоргиевска, за оваа пригода, првпат нема да биде облечена во креација на некој од познатите македонски дизајнери, туку дека стајлингот го подготвува нејзината лична кројачка. Како што откриваат извори блиски до првата дама, креацијата веќе се работи и тоа ќе биде овој пат едноставен црн фустан, а бидејќи протоколот налага и шапка, истата кројачка ќе ја стилизира и шапката.
Инаку, Елизабета Ѓоргиевска е дама во вистинска смисла на зборот. Таа е едноставна, шармантна, и жена со стил која знае да избере одлична модна комбинација за секоја пригода што ѝ прилега според конституцијата и титулата. Едно од највпечатливите модни изданија беше нејзиниот стајлинг за аудиенцијата кај папата Франциск, а ѝ парираше и на кралицата Летиција, која во модниот свет важи за модна икона.