Пржено говедско со тиквички и пиперки

Во овој рецепт говедското месо се комбинира со тиквички, пиперки, печурки и моркови. Избраните зеленчуци му даваат на јадењето совршена комбинација на различни вкусови, бои и текстури.

Време на подготовка:
1 час.

Време на готвење:
15 мин.

Вкупно време:
1 час и 15 мин.

Порции

4 лица

Состојки

  • 500 гр. говедско филе, исечено на парчиња
  • 3 тиквички
  • 2 помали моркови
  • 2 жолти пиперки
  • 400 гр. шампињони
  • 1 бел кромид
  • 2 лажички ѓумбир
  • 1/2 чаша бело вино
  • 3 лажици соја сос
  • 3 лажици масло за готвење
  • 1 лажичка шеќер
  • 1 лажица пченкарно брашно
  • 1/2 лажичка сода бикарбона
  • сол и црн бибер

Подготовка

Во еден сад измешајте сода бикарбона, 1 лажица соја сос, пченкарно брашно, 1 лажица бело вино, сол и бибер. Додадете го говедското месо исечено на парчиња и маринирајте го најмалку еден час.

Зеленчукот исецкајте го на парчиња и оставете го на страна.

Загрејте во една поголема тава 2 лажици масло на многу силен оган. Поделете го говедското месо на 5 дела и пржете го секој дел одделно по 3 минути со постојано мешање и потоа извадете го од тавата.

Потоа во тавата додадете уште малку масло и ѓумбир. Додадете го исецканиот кромид и пржете околу половина минута. Додадете ги печурките и пржете ги половина минута. Потоа додадете ги во тавата со печурките морковите и пиперката па гответе ги 2 минути со постојано мешање. Додадете ги тиквичките и пржете го целиот зеленчук уште една минута.

На крај додадете го говедското месо со остатокот од виното, соја сосот, една лажица масло и лажичка шеќер. Гответе ги уште 5 минути. Зачинете со сол и бибер по вкус.

Послужете го топло.

22 мај 2012 - 07:00