Пожари се случуваат постојано во нашава држава. Горат дуќани, станови, куќи. Пожарите прават материјални штети а некогаш носат и човечки животи. Семејства остануваат без покрив над главата, ги губат своите живеалишта во целост, остануваат на улица. Губат сè што имаат, за потоа да се надеваат дека некој ќе им помогне. Доброволна помош стигнува, но не е секогаш доволна за да се санираат направените материјални штети и доживеаните трауми.
Само изгорените приватни дуќани во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица ја имаат таа среќа да бидат целосно санирани. Експедитивно, Владата донесе заклучок со којшто им наложи на јавните претпријатија основани од државата да донираат средства на Здружението на граѓани „Обнова на Глобал“ за да целосно се реконструира опожарениот трговски центар. Во листата на „обврзани“ да финансиски помогнат се акционерски друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции.
Дали е ова „морален хазард“? Дали Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд дадоа согласност и го поддржаа овој заклучок на Владата да наложи санирање на приватен објект со државни пари?
Дали сите приватни изгорени и оштетени објекти во државава ќе добијат финансиска помош од државните институции за секој настанат пожар којшто ќе предизвика штета?
Депозитите на околу 3.000 граѓани и фирми депоненти во Еуростандард банка изгореа во невиден „пожар“. Поминаа повеќе од пет месеци од затворањето на банката. Минато време во немир, неизвесност и агонија. Навидум, никој сеуште не знае што се случило или каде завршиле парите, кој ги украл ниту пак дали некој ќе одговара за криминалот. Масовен организиран грабеж на депозитите што се спроведувал од познати лица на раководни позиции во Еуростандард банка со амин и под “бурното“ око на Народна Банка. Повеќегодишна кражба толерирана од Народната банка и релеванти државни органи кои иако известени за криминалот не делувале воопшто. Исходот е добро познат, затворена банка и целосно ограбени граѓани и фирми.
За разлика од експедитивната финсиска помош од државни институции за обнова на изгорените приватни дуќани во „Глобал“, оштетените физички и правни лица од Здружението „Правда за штедачи“ го немаа тој третман од Владата. Имено, оштетени од масовниот грабеж во банката со знаење но толерирање од Народна банка и релевантни државни органи, минатата година се обратија до Владата за решавање на ова горливо и мачно прашање, но вратите им останаа затворени. Премиерот Заев првично ги поддржи, за по некое време да го промени ставот и категорично ги одбие со оправдување дека се работи за „морален хазард“ којшто наводно бил советуван од меѓународни финансиски институции, поради којшто државата не може никако да им помогне.
Денес се чувствуваме излажани, понижени и гневни поради двојните аршини во нашата држава. Во истата таа држава ги доверивме нашите тешко спечалени пари кои неретко се надвор од неа печалени и потоа испраќани да бидат инвестирани во истиот тој систем кој на крајот не изневери.
Државата може да помогне во „Глобал“, но не може и не смее да помогне во случајот со Еуростандард банка. Околу 3.000 семејства го изгубија својот личен имот доверен во законски лиценцирана, регулирана и контролирана финансиска институција која е свесно и брутално ограбена. Тешка судбина на илјадници семејства кои се оставени на немилост од системот на државата којшто ја толериралa кражбата на депозитите кога се крадело со години, а ја толерира и денес кога не прави ништо да се открие вистината, казнат сторителите и да се вратат украдените пари.
Кој ако не Трифун и неговата дружина ја ограби Еуростандард банка?
Група бандити на место претседатели на одбори крадат депозити од банка за што добиваат опомена од првиот човек на Народна банка. Повторно крадат и повторно само опомена. Така охрабрени продолжуваат, ја засилуваат и прошируваат кражбата. Им се дозволува и криминалот се игнорира и толерира. Кражбата во банката тече со години за да веќе кога достигне небесни граници од кои нема враќање, директно се затвори истата. Илјадници граѓани и фирми депоненти во банката, оние кои биле излажани и измамени да веруваат во сигурноста и чесноста на системот, дознаваат дека се покрадени од добро организирана криминална група. Почнува нивната животна агонија и макотрпна борба за вистината и правдата. Накусо, ова е приказната за случувањата во Еуростандард банка.
Трифун Костовски обвинува за организиран криминал и ги повикува ограбените граѓани и фирми на соработка. Но, не наведува кој ја извршил кражбата на нашите депозити ниту пак лицата или субјектите каде завршиле истите. Тоа за него е непознаница. Како долгогодишен претседател на надзорниот одбор, Трифун Костовски потпишувал и одобрувал ненаплатливи кредити во милионски суми во евра. Без или со мали покритија. Ниту почитувал политики и процедури за кредитен ризик ниту пак критериуми за одобрување на кредити според кредитна политика. Едноставно, заедно со неговиот син и претседател на кредитниот одбор Коста Костовски и претседателот на управниот одбор Николче Петкоски делеле ултра ризични кредити на избрани фирми на големо и без ограничување.
И после неполни шест месеци од затворањето на Еуростандард банка, наплатата на доспеаните кредити од правните и физички лица должници скоро и да не постои. Зошто е тоа така!? Затоа што Трифун Костовски и другите двајца ги поделиле нашите пари на вересија. Колку учествувале во поделбата на пленот со фирмите, сеедно, важно нашите депозити ги покрале. Увидот во билансите на десетици од најголемите фирми должници на банката покажува дека тие се презадолжени, во најголем број случаи и повеќе од 90 отсто. Односот на долгот спрема капиталот на фирмите е повеќекратно голем. Дел од фирмите се затворени, некои во стечај, а трети се во таква состојба да немаат што да дадат. А и голем дел од нив имаат единствено меница како обезбедување на кредитите во милиони евра. Заедничко за сите овие фирми должници е што не платиле ниту една рата со години.
И сега, ние да соработуваме со водачот на дружината која не покраде, ни го одзема целиот наш личен имот доверен во банката, за да сега ужива слободно со нашите пари додека неговото семејство продолжува да се однесува арогантно и расипнички!?
Иницијативен одбор на
Здружение на оштетени штедачи ЕСБ