“Unfortunately a minority of member states were not able to support the Commission's proposal to open accession negotiations with Albania and North Macedonia already today,” Johannes Hahn, the European commissioner for EU enlargement.
"The lack of appetite for enlargement among some countries meant that the ministers could not indicate that Albania or North Macedonia could expect a positive decision in October."
Согласно информациите, малцинските држави кои биле слаби со апетит за проширување и во ОКТОМВРИ се: Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија.
Не подржале само поранешните социјалистички земји од источниот блок и Хрватска/Унгарија, а Грција била воздржана во гласањето.
Но, да се обидеме да бидеме рационални. Главната причина за онеменоста и чувството на поразеност, не само на поддржувачите на процесот за редефинирање на државата за ЕУ перспективи, туку и секој искрен добронамерник во државава е една наративна стапица која овде е длабоко проголтана. Ќе ја наречам ЕУмесијанизам.
ЕУмесијанизмот е наративна структура (полу-политичка полу-митолошка) за легитимирање на одредени политички одлуки и постапки во надворешната политика. Овој наратив фабуларно и фигурално, како тотална метафора скоро лишена од супстанца, како еден вид Голема приказна, ЕУ ја претставуваше како финасиски спасител, политичко-економски месија и штотку непристигната рајска состојба која ќе ја доведе во ред сета здравствено-образовна сфера, општествена сиромаштија, институциска корупција и политички криминал.
Таа Голема приказна така проголтана стана наш трансцедентална смисла или поедноставно причина и цел на нашето политичко постоење како устроена заедница.
Верувањето дека по Договорот ќе започне процесот на инвестициски бум, донаторски раскош, финасиски инјекции, претпристапна парична помош и сл. наликуваше на верувањето во доаѓањето на бескласното општество од претходниот политички систем.
Овој наратив за Големата приказна за уште поголемото Второ доаѓање на благосостојбата фанатично е усвоен како беспоговорна псевдо-религиска догма. Дури и целата референдумска кампања неверојатно нечесно беше исполнета со невистини за рајски пари од претпристапните небесни фондови ( иако истите се конкретно предвидени до 2026, а потоа од самата Унија е најавено комплетно институционално и финансиско реструктурирање).
Благосостојбата што навидум би ни ја донело отпочнувањето на преговорите, па дури и благосостојбата од самото членство кое во насветлите сценарија е предвидено за повеќе од 10-тина години од сега (а реално најверојатно никогаш) е само еден вид wishful thinking на луѓето кои овде имаат наследена социјалистичка политичка култура во која решенијата не се бараат во лични иницијативи и претприемнички акции, туку во интервенција на Виша сила од горе. Замена на Белград со Брисел. Дури со истиот раболепен однос како кон Белград. Оттука единствениот ЕУ-аргумент за промена на името беше и е само некаква наивна месијанска наративно рециклирана полупропаганда за доаѓање на финасиското Кралство небесно по приемот во ЕУ. Ниче тоа го нарекува есхатолошки привид. Ние можеме да додадеме политичко-есхатолошки привид.
Оттука секоја идна рационална политика мора да започне со деконструкција на Големава приказна и соочување со едноставната опсервација дека ние мораме самите да создадеме праведно и просперитетно општество. Ова мора да се случи и во најоптимистичкото сценарио, под претпоставка земјите без апетитот за проширување да се предомислат.
Бидејќи не беше тешко да се види и претпостави таа стапица, за време на референдумот при обидите научно да ги рефлектирам настаните околу нас срочив дека требаше преговарачкиот процес да оди во друга насока.
Лесно е отпосле да се мудрува, но чувството дека си бил проклето во право е толку поразително што понекогаш има потреба и самиот да си речеш: па нели ти кажав.
Затоа го споделувам овој извадок од минатогодишниата студија напишана пред референдумското изјаснување насловена како:
РАЗМАКЕДОНЧУВАЊЕ ИЛИ ЗА ПОСТОЕЊЕТО КАКО ФУСНОТА СО ЦРТИЧКА БЕЗ ПОВОД
.................................
Неспорно е дека не можеме да добиеме Република Македонија erga omnes. За грчката страна самата употреба на зборот македонија е иредентизам. Но, нашата преговарачка и дипломатска позиција мораше да оди во две преговарачки насоки: 1) Принципиелна и доколку морало една 2) Непринципиелна. Што подразбирам под ова?Нашате отстапки при преговарачкиот процес требаше да се движат во правец на повлекување од прокламираната двојна формула на Глигоров како наша црвена линија (едно име ерга омнес за сите и за секаде и едно специјално за релациите со Грција). Со други зборови, еден вид на преговарачкa концесија со која можевме да перформиравме отстапка и приближување на ставовите. Поточно, принципелно воведување на т.н. четворна формула во смисла дека: а) едно име по желба на Грција за билатерална комуникација кое не мора да го содржи името Македонија воопшто (отстапка бр. 1), б) едно договорено компромисно достоинствено име со географска додавка пред/зад Македонија која би го решила проблемот на разликувањет на грчкиот концепт за “Македонија” и нашиот концепт за “Македонија” за мултилатерална комуникација со организациите каде Грција може да го блокира нашето членство и за државите кои се уште не го признаваат уставното име на државата, в) едно име за мултилатерална комуникација со земјите кои веќе нѐ признаваат под историското и уставното име и г) име за внатрешна политичко-правна и институционална употреба.
На забелешките дека ова е невозможно за изведување поради лошата меѓународна позиција која моментално Р. Македонија ја има, може да им се спротистави историското сведоштво и сеќавање од почетокот на деведесетите и нашите први политички обиди за меѓународно признавање во несогледливо полоша меѓународна позиција. Имено, К. Глигоров во далеку покомплексна политичка констелација, при Лисабонска декларација од 91-ва која бараше признавање на државата без името Македонија, со небројни сериозни внатрешни предизвици и разгорена граѓанска војна во соседството, со воена закана од страна на Грција (големите воени вежби јужно од Гевгелија), со разознавачки информации за разговори помеѓу Мицотакис и Милошевиќ за поделба на Македонија, со излезени над 1 милион Грци протестанти во Солун, од кои половина сигурно би земале оружје при повик за тоа, со блокирана јужна граница и блокирано Солунско пристаниште, со ограбени македонски касарни во кои и паркетот и штековите беа корнети и носени за Белград, а не па воената техника и оружје, со 200 паповки во територијалната одбрана и по некој заостанат калашников во МВР или со еден збор кажано под вистинска и реална закана која многу повеќе наликува на мелијанската драма, успеа да издејствува признавања од други држави и испреговара привремено именување на државата или референца со ограничен опфат.
Но, овој преговарачки тим, без никаква реална закана, при макотрпно изоден дипломатски пат и изработено признавање од 140-сетина членки на семејството на ООН (од кои три постојани членки на Советот на безбедноста и најсилни држави во светот: САД, Кина и Русија) и при јасна Пресуда од Меѓународниот суд во Хаг дека правдата е на македонската страна во спорот, успеа да “испреговара” Договор кој не само што ги погазува стекнатите дипломатски придобивски, не само што ја фрла во вода Пресудата од Хаг, туку го шири опфатот на новото име до граници кои ја надминуваат елементарната пристојност и чувството на достоинство, прекршувајќи и оневозможувјќи елементарно човеково право.
Од друга страна, под претпоставка дека веруваме дека искрено верувале во преголемото значење на придобивките од преговарачкиот процес т.е. членството во ЕУ и НАТО и дека морало да продолжи стрмоглавото отстапување од досегашните дипломaтски позиции и преговарачки стратегии, можеме да го поставиме прашањето: зошто во евентално таков случај преговарачката стратегија не преминала во т.н. непринципиелна насока? Што подразбирам под ова? Со оглед дека целата “аргументација” ЗА Договорот од страна на поддржувачите има лукративен модус или поразбирливо кажано “прифаќаме се за подобра финансиска благосотојба” (инвестции, пристапни фондови, грантови, бесплатни услуги и сл.), тогаш нашата преговарачка позиција би ми морала да биде на истото непринципелно рамниште. А тоа значи; штом барате од нас преголем, беспимерн, досега невиден ниту чуен преседан или таква поразителна отстапка (ново име и за внатрешна употреба и ново за оние земји кои веќе не признале), тогаш очекуваме, секако не од Грција, туку од модераторите во овој спор, подеднакво таква радикална и голема отстапка. Народски кажано, ако веќе се продаваш, продај се скапо. Или дипломатски кажано, во ред ќе прифатиме и ќе проголтаме секакво противправни, антиуставни, непристојни и шовинистички редефинирања на нашето политичко постоење, но очекуваме подеднакво голема компензација за тоа. Поточно, очекуваме и бараме безусловен и итен влез во ЕУ и НАТО со политичка одлука (преговарање и затварање поглавја post festum) и една мала донаторска конферанција за отпишување на дел од јавните долгови на Р. Македонија со која ќе се покаже добрата волја на меѓународната заедница.
На забелешките дека ова е невозможно за изведување и дека не фукнкионира така дипломатската комуникација, може да се спротистави историското сведоштво и сеќавање од времето на Љ. Георгиевски кој на големата отстапка во 1999-година во поглед на бегалската криза и отстапувањето на територијата на Р.М. за интервенција на НАТО силите врз СР Југославија доби подеднакво голема политичка отстапка од меѓународната заедница или т.н. Договор за асоцијација и стабилизација со ЕУ далеку пред Хрватска која сега е членка на ЕУ. Или Б. Црвенковски кој за време на големите политички отстапки при новиот Закон за територијална поделба доби подеднакво голема отстапка т.е. признавање од САД под историското и уставното име. Овој преговарачки тим со овој Договор доби она што ние во Велес го викаме: помини утре, да ти кажам коа да наминеш. Со други зборови, добиваме едно ветување за некакво условно идно и можно членство во НАТО некаде 2020-2021 и во ЕУ некаде по 2030-тата под претпоставка дека членките нема да се сложат со Франција и Холандија кои бараат прекин на овој процес. И секако една гаранција од Грција дека нема да не блокира во тие процеси. Обврска која ја имаше и со Времената спогодна, но не ја почитуваше. Низа апологети на Договорот уверуваат дека Глигоров, а по него и останатите политички структури прифатиле Преговори за името и треба да не се изненадуваме од ваквиот исход, туку широко да го прифатиме како можност за затварање на децениските недоразбирања. Да, но истите забораваат дека никој од нив никогаш не прифатил ваков широк опфат на ново именување кој би подразбирал промена и на името за внатрешна политичко-правна и институционална употреба и создавање на едео фуснотирано (приватно) македонство.
Целата истражувачка статија која ќе биде доработена и објавена во едно меѓународно списание за меѓународна политика, може да се прочита на овој линк.