Секој што ќе помисли дека насловот на овој текст е преамбициозен или претеран, не ги познава основите на македонската театарска историја. Тоа што е Марадона во фудбалот, Мајлс Дејвис во музиката, Ристо Стефановски е во театарот. Се работи за човек кој е феномен во светски размери. Како никој пред и никој после него, тој успевал да создава одличен театар во три сосема различни општествени системи и три различни театри!
Во услови на материјална но често и морална беда, кога и најупорните се откажувале (заменувајќи го стресниот театар со удобна фотеља и топли влечки), нашиот Ристе влегувал во сурови битки и пронаоѓал решенија, достојни и за најголемите магионичари и алхемичари. Понекогаш од тие театарски битки излегувал со мали емоционални гребнатинки, честопати бил и тешко ранет, но сепак продолжувал понатаму „како ништо да не било“.
За неговите долги и непроспиени ноќи, дознаваме од неговите книги кои се резултат на уште еден светски рекорд за Гинис. Ристо Стефановски (како ретко кој а можеби и никој) скоро седумдесет години секојдневно и детално пишува театарски дневник. Како и покрај толкуте километри „џогирање“ низ Скопје и безбројните други обврски, Ристо успева да најде време за да ги пишува без прекин сите оние страници, останува мистерија. Со прецизност на рентген, тој го снима театарскиот живот со сите негови подеми, падови, дилеми, кризи, сплетки, очај, приватни и професионални предавства од најблиските соработници... Но, на крајот и секогаш, излегува победник со подеднаков успех во комерцијалните и фестивалските претстави.
Како и во претходните така и во последната книга „Мојот театар“, Ристо Стефановски со својот аналитичен скалпел ги сецира театарските премрежја на македонскиот театар. Жанрот на неговите книги е документарна проза, со елементи на трилер и полемички дух кој ги демистифицира лажните вредности, сведувајќи ги на вистинската мерка.
Пред многу години, мојот прв драмски текст „Глоговиот џбун“ го нудев насекаде. Не го одбија само таму каде што не сум го понудил. И кога решив да дадам свој огромен придонес во македонската драматургија (решив да престанам да пишувам драми!) се појави Ристо Стефановски и ме извлече од дното на мојата разочараност и безнадежност. Ја постави мојата пиеса-првенец во МНТ каде што беше управник. Останатото е историја, барем за мене.
Откако нашата претстава (со мојот текст) доживеа многубројни изведби, награди и гостувања во Македонија и надвор од неа, се охрабрив и ја напишав мојата втора пиеса „Бисери и свињи“. Повторно истата непријатна сцена. Јас и мојот професор Љубиша Георгиевски со месеци одевме во повеќе театри и ја нудевме пиесата. Добрата вест е дека никаде децидно не не одбија, но најлошата вест е дека никаде не ни понудија соработка! Стоиме уморни во дворот на ФДУ јас и професорот Љубиша (овој пат познат како одбиен режисер со мојата пиеса) и се жалиме еден на друг со чувство на пропаднати аматери, кои не ги примаат ниту во драмска секција. На неколку чекори од нас, неодминливиот Ристо Стефановски разговара со некој, но со едното театарско и радарско уво фаќа фрагмент од нашиот разговор. Веднаш доаѓа до нас и прашува: „Љубиша, ти се допаѓа ли текстот на Бато?“ Љубиша (по кој знае кој пат) одговара со „да“. Ристо закажува прва средба во понеделник и прва проба во среда, а беше сабота!
Претставата беше голем и возбудлив настан од повеќе причини. Со неа повторно се отвори кумановскиот театар после неколкугодишна забрана за работење. Беше сурово актуелна и се случуваше во времето на распадот на Југославија и почетокот на војната, кога Словенија и Хрватска беа надвор, а ние тука со остатокот на неколкуте републики и југословенската народна армија која веќе беше еднонационална. Војната висеше во воздухот и кај нас, а ние висевме... не се знаеше каде...
И во тие денови на опасно живеење и неизвесност, храбриот Ристо Стефановски создаваше театар, воден од својата силна интуиција и светото тројство: Без етика нема естетика. Без домашна драма нема театар. Уметноста е упад во непознато.
Театарот е естетска игра и е еден од најингениозните компромиси со самиот себе. Театарот е авантура и магија во која сонуваме со отворени очи. Кога актерите и публиката ќе се спојат во колективно доживување, се случува чудесната мистерија. Само во театарот толку многу се умира, но истовремено и толку многу се живее од почеток.
Ристе е еден од ретките кој го победи основниот закон на физиката. Беше истовремено на повеќе места и секогаш стигаше во вистинскиот момент. Овој мој скромен текст е обид да му изразам искрена и длабока благодарност на човекот што целиот свој живот го посветил на театарот, без секунда одмор и без трошка остаток. Драг Ристе и почитуван Стефановски. Си изодил долг и трнлив но и блескав пат. Од тебе ќе учат многу идни генерации.
Ова го напишав пред неколку години. Денес сме тука за да му одадеме почит која времето се повеќе ќе ја зголемува. Знаеше да одбие етаблирани творци, но истовремено широко го отвораше театарот на почетници. Ти се поклонувам и ти благодарам што ми даде шанса. Почивај во мир пријателе. Твоето дело и живот, поголеми се од секоја смрт. Легендите никогаш не умираат.
Братислав Димитров,
на комеморацијата во МНТ