Секој човек има некаков порок. Јас се одлучив за пишување. Уште како мал, по цел ден чкртав со креда по маалски тараби и ѕидови. Кога воведоа живи огради и високи казни за „хулиганите”, почнав да пишувам драми. Откако постигнав светска анонимност, се префрлив на колумни. Пред секоја премиера во мојот театар (МНТ), во програмчето пишувам анализа за драмата што ќе се изведува. После на истата тема правам долга и различна верзија специјално за оваа страница. Така се обидувам пошироко да ја афирмирам театарската уметност, но и да ги испитам сите можности на една мала но истовремено и провокативна форма на изразување позната како “колумбина”, термин на Тони берберот.
Еве како изгледа хемијата на таа драматуршка монтажа:
Во денешно време кога ќе се спомне зборот “маргарита”, сите помислуваат на пијалокот. Но во времето на социјализмот, “Железната завеса” и “Ладната војна”, сите помислуваа на “Мајстор и Маргарита”, еден од најдобрите романи на дваесеттиот век. Денес кога ќе се спомне мајстор, сите се жалат од кондураџија, водоводџија или механичар. Но во тоа комунистичко време, првата асоцијација беше на Михаил Булкаков, еден од најславните писатели на тој ист век. Тоа беа времиња кога еден милиметар или секунда освоена слобода во било која сфера во животот или уметноста, беа редок возбудлив настан и вистинска катарза. Со појавата на либералниот капитализам, луѓето се “казнети” со слободата, така барем пишуваше еден нобеловец што се одзива на името Жан Пол Сартр.
Најстарата и најважна тема на литературата е темата за таткоубиството која ги создаде големите класични дела: Цар Едип, Хамлет, Дон Жуан, Браќата Карамазови, и делата на Франц со метафорично презиме Кафка, што во превод значи чавка! Секако, на ова место неодминлив е и славниот психоаналитичар Сигмунд Фројд, кој со својот опус ја изостри сликата за односот кон таткото (авторитетот) и радикално ја збогати и ја актуелизира втората најважна и најстара тема на литературата, односот на поединецот кон власта и обратно. Тема која е компатибилна на првата, или можеби беше обратно?
Како да се живее и особено како да се пишува пред строгите мустаци на Ј.В.Сталин? Милиони поединци не стигнале да одговорат на ова прашање, затоа што биле прогонети, затварани и убиени во многуте логори на познатиот комунистички цар. Но и тие што останале во Москва “слободни”, многу не се усреќиле. Нивното секојдневие било исполнето со страв, себичност, поткупливост, омраза, кодошење, општа несигурност и апсолутна послушност. Тоа било секојдневие во кое луѓето нанадејно и без објаснување едноставно исчезнувале!
Еден од ретките духовни витези во тоа и такво време, кој имал доволно доблест и храброст да поставува незгодни прашања е нашиот актуелен автор Михаил Булгаков. Како да опстои уметноста во репресивеn систем? Колку е заслужен тоталитаризмот а колку ние, за нашиот поданички однос и духовно ропство? Дали сме подготвени со посредништво на универзалната приказна на авторот да се погледнеме себе си в лице, да ги признаеме резултатите на сопствената глупост или за тоа е веќе доцна?
“Животот на Молиер” (оргиналниот наслов е “Робувањето на лицемерот или Молиер”) можеби не ги достигнува драматуршките и естетските височини, но ги поставува есенцијалните етички и морални прашања, без кои уметноста би била бесмислена и одвишна. Нека ми простат извесни денешни демократи, но тоа се прашања кои секогаш и постојано заслужуваат одговор!
Насловот на овој текст е инспириран од еден вистински настан. Во 1932 година, Михаил Булгаков по трет пат се жени со Јелена Шиловскаја, неговата најголема и постојана инспирација. Дали љубовта е вистинскиот одговор на сите поставени и непоставени прашања? Ако се суди според тврдењето на Цанко Курбла, одговорот секогаш е потврден. Тој заради една Инге, среде маалска дискусија, остави ладно “грч” зелено пиво во “Мал одмор” и од “Тафталиџе” директно отиде во Кралството Шведска, поточно во Стокхолм! Приказната почнува во времиња кога во Скопје беше потешко да се дојде до фармерки отколку во Њу Јорк до “кадилак”. Се тешевме дека тогашната сиромаштија ја разви нашата бујна фантазија и силна страст за откривање нови светови. Затоа гурмански ги мезевме страниците на романот “Животот е некаде другде” од славниот чешки писател Милан Кундера.
Како и сите деца и Цанко Курбла имаше големи планови. Еден од нив беше на раат да си ја изеде својата кришка леб со маст и црвен пипер. Но тој ден дури тројца копиљаци му се обратија со традиционалната маалска реплика “дај еден гриз!” Откако го испочитува овој народен обичај, Цанко погледна во својата дланка. Таму наместо конкретната кришка, остана само идејата за неа. Овој настан практично е почеток на концептуалната уметност, но никој не ни ги признава нашите авторски и сите други права. На денешниве “цивилизиранин општества” најмногу им одговара хронично да нè третираат како “буре барут”, за полесно да ни поставуваат невозможни услови и уште полесно да го заташкаат своето срамно минато!
Значи седи Цанко во една кафетерија во Стокхолм и топи кекс во чајот, а замислува како со топло кравајче мацка во каленица со зелен и лут пинџур. Боцка со есцајгот органски батачиња а лиги му течат при самата помисла на некое смрдливо и ќумуросано кебапче во Скопје. Голта диетална кока- кола, но неговото непце копнее по една ладна боза “Кај апче”. Разговара со тоа Швеѓаните на разни теми а тие на крајот му се заблагодаруваат за “убавата конверзација!?” Која црна конверзација без кавга и инаетење!? А камо гестикулација, мајка, шајка и сè по список? Тогаш Цанко престана да комуницира со цивилизираниот свет, затоа што не сакаше да умре од досада.
Денес е недела, 6 Косар (мај) 1968 година, ден на Светиот
великомаченик Георгиј Победоносецот или народски кажано Ѓурѓовден. Првите кајсии ранки ги токмат своите златни насмевки во дворовите на Тафталџе, додека брзаците на Вардар ги шепотат приказните од нашето одамна заборавено босоного детство...
И додека Цанко седеше среде таа совршена геометрија и аритметика на Стокхолм, на левата страна, под џебот на неговата карирана кошула, почувствува една коцка мраз. Коцката се зголемуваше, а Цанко наш се смалуваше... И кога шољата со проклетиот чај и штотуку гризнатиот кекс му се видоа подалечни од шприцерите во “Букет”, тој со првиот авион и без никаков багаж слета во нашето маало! Така повторно победи љубовта, овој пат кон татковината, што и да се подразбира под тоа!
Братислав Димитров