„Знам за Идадија од кога знам за себе. Куќата на дедо ми Стрезо и на моето семејство Стефановци се наоѓаше во Дебар Маало на тристотини метра од кафеаната така што тука често наминувавме и некако ја сметавме за наша, семејна меана, на наша територија.
Се сеќавам на една посебна посета на Идадија којашто ми остана во сеќавањата. Не знам со кого бев, најверојатно со чичко ми Круме, татко ми Мирко или со двајцата. Беше зима, 1964, оние први месеци по земјотресот. Кафеаната ми изгледаше огромна: на средината имаше печка на дрва која баботеше. На неа се топлеа ракија и вино, а во воздуот се мешаа алкохолни испарувања. Во аголот седеше некој човек, најверојатно запиен од претходната ноќ. Изгледаше сериозно како некој лик од филм, од психолошка драма. Јадеше салата од сторена зелка, посипана со буковска пипер. Тоа ми се виде бескрајно возрасно и егзотично. Тој вид на егзотика немаше врска со музиката која во раните шеесетти години ја слушавме на радио- гром на романтични и зашеќерени италијански канцони. Но Идадија како да беше предвесник на една друга музика и на една друга егзотика која наскоро ја обзеде мојата генерација. Тоа беше блузот...
Почнавме да ја бараме музиката на оние поранешни црни робови, возрасни, искусни, уморни луѓе, луѓе кои немаат време за губење со измислици, кои како да решиле да ја говорат само голата вистина. Еве еден стих за пример: „Кога ќе запее петелот на полноќ девојче, ти ќе ме побараш, но јас ќе бидам заминат...“ – просто сведоштво за жестока средба и разделба, остро како хируршки скалпел...
Блузот и кафеаната Идадија ни укажуваа на фактот дека светот е голем, убав и суров. Идадија беше ринг, вежбална за тој голем, убав и суров свет, маалски универзитет – таму се држеа лекции кои не ги учевме на училиште, а за кои интуитивно знаевме дека се пресудни за преживување: лекции за припадност, чесност, лекции за тоа како да се дочекаш на нозе доколку паднеш и како да станеш таму кадешто си паднал. Тоа беше вежбална за љубов и севда, за трампа и трговија, за шегачење и политички проценки... Немаше ништо пострашно од тоа некому да му излезе име или муабет во Идадија. Идадија беше јавна трибина, берза, кантар на маалскиот дух.
Кога за прв пат влегов во Идадија, бев дете, но некако бев доволно свесен да ја почувствувам нејзината привлечна снага и нејзиниот поклич. Идадија ми остави жиг во срцето кој го носам до денес и со кој се гордеам. Честит јубилеј Идадија!“